Маја Дерен на 14 тото издание на Филозофскиот филмски фестивал

Оваа година, на 14. издание на Филозофскиот филмски фестивал, придружната програма ќе биде посветена на американската режисерка Маја Дерен. Со оглед на тоа, ќе бидат прикажани шест од нејзините видео есеи во рамки на главната програма на фестивалот, која ќе се случува од 7-13 јуни. Една фестивалска вечер ќе ѝ биде посветена нејзе, на 8. јуни (сабота) од 18:00 часот во Кинотеката на Р.С. Македонија ќе бидат прикажани следните видео есеи:

Мрежи на попладнето , [Meshes of the Afternoon, 1943], 🇺🇸, 14’

На копно, [At Land, 1944], 🇺🇸, 15’

Студија на кореографија за камера, [A Study in Choreography for Camerа, 1945], 🇺🇸, 3’

Ритуал во преобразено време, [Ritual in Transfigured Time, 1946], 🇺🇸, 15’ 

Размисли за насилството, [Meditation on Violence, 1948], 🇺🇸, 13’ 

Продорното око на ноќта, [The Very Eye of Night, 1955], 🇺🇸, 15’ 

Како најава на ова, на 14. мај, во Музејот на современа уметност во Скопје во 19:00 часот, беше прикажан документарен филм поврзан со режисерката Дерен. Тоа беше првата проекција на фестивалот за годинава и преднастан на Главната програма. Притоа, ќе имате шанса да го погледнете филмот Во огледалото на Маја Дерен (In the Mirror of Maya Deren, 2002, 104’) во режија на Martina Kudlácek.

Филмскиот опусот на Маја Дерен ги побива сите категории. Нејзиниот комплексен и еклектичен филмски јазик, активно ја одбива категоризацијата и припадноста на нејзините филмови во движењата на надреализмот, формалзмот и структурализмот. Маја Дерен го користи медиумот на филмот со цел да открие нелинеарна перспектива на реалноста, како контрапункт на т.н „хоризонтална“ или линеарна драматична нарација фаворизирана од холивудските филмови. За неа сликите во движење се простор за изразување на емоционалните квалитети и длабочина преку поетско разбирање на филмскиот медиум во процеси кои таа ги опишува како „вертикални истражувања“.

Преку манипулирање на сликите во движење во форма на фантазмагорични црно-бели кратки филмови наречени „кинопоеми“, таа успеава да изгради простор во кој ритамот, движењето, субјективната психологија, навиките на перцепција и симултаната реалност стануваат вродени квалитети на филмскиот медиум и време. 

Творештвото на Маја Дерен служи како архетипски пример за независност, чија што филмска пракса успева да ги избегние институционалните правила воспоставени во американската кинематографија. Влијанието на Дерен врз авангардниот филм е дотолку големо, што нејзиниот уметнички ангажман придонесува кон етаблирањето на експерименталниот филм како легитимна уметничка форма. Заедно со Јонас Мекас, Амос Вогел, и други, Дерен ги воспоставуваат критериумите и условите на независниот филм кои и денес остануваат со нас.

Пронајдете не на следниве мрежи: