Денес се одбележува 8 март – Меѓународен ден на жената, кој настанал од нивната борба за економска, политичка и социјална еднаквост.
Овој ден е потсетување на штрајкот во 1857 година во Њујорк, во кој работничките во текстилната фабрика штрајкувале барајќи подобри услови за жените. На истиот ден и истото место, но 51 година подоцна, повторно имало штрајк на жените. Работничките биле затворени во фабриката и не можеле да излезат, а во неа избувнал пожар во кој загинале 129 жени.
Протестите на 8 март се случувале и во наредните години, од кои најпознат бил тој во 1908 година, кога 15.000 жени марширале низ Њујорк барајќи пократко работно време, подобри плати и право на глас.
Првата меѓународна женска конференција во 1910 година се одржала во Копенхаген, организирана од Социјалистичката интернационала и го востановила Меѓународниот ден на жената на предлог на Клара Цеткин.
Следна година, Меѓународниот ден на жената го прославиле повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија.
Во 1912 година, жените во Франција побарале право на глас, што подразбира право да бидат избрани, а потоа тоа го побарале и жените од Холандија, Шведска и една година подоцна и од Русија.
Иако моменталната положба на жената во општеството е подобра од порано, факт е дека тие сè уште не ги стекнале целосно своите права во економска, политичка и социјална смисла.
Во оваа насока, се поставува прашањето дали 8 март всушност стана комерцијален празник каде најважно е да се купат женски цвеќиња или некој друг подарок. Исклучително е важно да се знае историјата на овој датум и да се разбере дека жените секојдневно се борат за подобар живот и еднаквост.