Мишел Обама го обвини Трамп за груба неспособност и ги повика неопределените Американци да гласаат за Камала

Поранешната прва дама на САД, Мишел Обама, остро го критикуваше Доналд Трамп во говорот одржан во саботата во градот Каламазу, Мичиген, на предизборниот митинг на претседателскиот кандидат на Демократската партија и актуелен потпретседател на Америка, Камала Харис.

Мишел Обама го обвини поранешниот претседател Трамп за „груба неспособност и аморален карактер“ и ги повика неопределените Американци да ја изберат Камала Харис за 47. претседател на САД, пренесува лондонски Гардијан.

„Сите показатели потврдуваат дека Камала е подготвена. Вистинското прашање е дали ние како земја сме подготвени за овој момент“, рече поранешната прва дама пред публиката во Каламазу.

Во време кога изборната трка е практично врзана, Обама рече дека дошла на американскиот Среден Запад следејќи го нејзиниот внатрешен глас кој и рекол да „направи нешто“ за да ја поддржи кандидатурата на Харис да стане првата жена претседател на Соединетите држави, оценувајќи дека потпретседателот на САД се стреми кон „повисоки стандарди од неговиот противник“.

Таа истакна дека справувањето на Трамп со пандемијата „Ковид-19“ и неговиот неуспешен обид да ја задржи власта по поразот на изборите во 2020 година треба да бидат доволна причина тој да биде дисквалификуван.

Според неа, сега луѓето кои му биле најблиски соработници додека бил претседател – неговите поранешни советници и функционери во претседателската администрација – се огласиле со предупредување дека не треба да му се дозволи на Трамп да се врати на власт.

Пронајдете не на следниве мрежи: