Мора итно да се зајакне украинската воздушна одбрана за да се спротивстави на дождот од руски ракети

Шефицата на германската дипломатија, која пристигна во ненајавена посета на Киев, планирала денеска да го посети и Харков, но патувањето морало да биде откажано од безбедносни причини, објави германската новинска агенција ДПА

Потребно е итно зајакнување на украинската противвоздушна одбрана поради немилосрдните напади од страна на Русија, предупреди германската министерска за надворешни работи Аналена Бербок, која е во посета на Киев, пренесуваат светските медиуми.

Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок / Фото: EPA-EFE/Christian Marquardt

Шефицата на германската дипломатија денеска пристигна во ненајавена посета на Киев, која доаѓа еден ден по жестоките руски ракетни напади на областа Харков во кои загинаа најмалку 11 лица, а уште десетици други се повредени.

„Ситуацијата во Украина уште еднаш драматично се влоши со масовните руски воздушни напади на цивилната инфраструктура и бруталната руска офанзива во регионот Харков“,

рече Бербок, пренесува „Гардијан“.

Таа порача „за да се заштити од дождот од руски беспилотни летала и ракети“ на Украина итно ѝ е потребно зајакнување на воздушната одбрана.

„Нашата поддршка се заснова на длабокото уверување дека Украина ќе победи во оваа војна“,

додаде министерката за надворешни работи на Германија.

Бербок, како што објави германската новинска агенција ДПА, планирала денеска да го посети и Харков, но патувањето морало да биде откажано од безбедносни причини.

Речиси 11 000 луѓе се евакуирани од пограничните области Харков откако Русија на 10 мај започна со напади на регионот.

Нејзиниот домаќин, украинскиот претседател Володимир Зеленски, ги повтори повиците до западните сојузници да дејствуваат побрзо со испраќање на потребната помош за воздушната одбрана и борбени авиони кои ѝ се потребни на украинската војска за да може да одговори на воздушната супериорност на Русија.

Според Зеленски, на Украина ѝ се потребни до 120 до 130 борбени авиони од типот Ф-16 или други напредни авиони за да може да ѝ парира на Русија.

Во меѓувреме, командантот на воздухопловните сили на Украина, Микола Олешчук, преку Телеграм соопшти дека противвоздушната одбрана на земјата во текот на ноќта соборила 28 од 29 беспилотни телата лансирани од Русија.

Дроновите, како што соопшти тој, биле соборени во регионите Одеса, Миколаив, Днепропетровск, Харков, Черкаси, Херсон и Кировоград.

Во вчерашните руски напади на одморалиште во близина на Харков и на околните села загинаа најмалку 11 луѓе, а повеќемина беа повредени.

Станува збор за серија континуирани руски напади врз регионот на вториот по големина град во североисточна Украина, каде што Москва започна жестока офанзива во последните неколку недели.

„Светот може да го запре рускиот терор, а за да се направи тоа мора да се надмине недостигот на политичка волја меѓу лидерите. Два ‘патриота’ за Харков можат да направат темелна разлика. Системите за противвоздушна одбрана за другите градови и дополнителната поддршка за војниците на фронтот ќе го осигурат поразот на Русија“,

напиша Зеленски на Телеграм по вчерашните напади.

Пронајдете не на следниве мрежи: