МОЌТА НА НАРОДОТ „Јас сум народ, свет, толпа, маса. Знаеш ли дека сите големи дела во светот остварени се благодарение на мене? Јас сум работник, пронаоѓач, создавач на храна и на облека за целиот свет. Јас сум сведок на историјата. Јас раѓам Наполеони и Линколни. Тие умираат. А јас тогаш создавам нови Наполеони и Линколни. Јас сум тло за жетва. Јас сум ливада која поднесува многу орања. Страотни олуи поминуваат преку мене. Јас заборавам. С? освен Смртта се обраќа до мене да работам и да го дадам она што го имам. А јас заборавам. Понекогаш ќе зар’жам, ќе се продрмам и ќе пролеам некоја капка крв, за да запамти историјата. А потоа, заборавам. Кога јас, Народот, ќе научам да памтам, кога јас, Народот, ќе ги употребам поуките од вчерашнината и кога не ќе заборавам кој лани ме покраде, кој ме изигра, тогаш никој во светот не ќе се најде да го изговори името Народ со ронка подсмев во гласот или со едвај приметна насмевка на презир. Тогаш светот, толпата, масата ќе стигне таму каде што треба.“
Ова беше песната „Јас сум народ, свет“ од американскиот поет Карл Сандберг (1878-1967), која пред повеќе од една година ја постирав. Сега, само ја препостирам. Сандберг својата поезија ја пишуваше во слободен стих, без рима. Препевот е мој. Во него го употребувам речиси заборавениот убав македонски збор „свет“, како синоним за народ. Понекогаш се велеше: „Боже мој, колку убав свет се собрал“. Денес како се да запаѓа во заборав. Така, и зборот „свет“ сe помалку се слуша. Кога последен пат сме чуле: „Убав свет“, „Моќен свет“ или „Свет свет“? Што значи, „Свет народ.“ И, јазикот почнавме да си го забораваме, од пусто помодарство и самопродаденост.