Лендерот последен пат се „чекирал“ на 15 декември, но НАСА сега немала друг избор освен да ја заврши мисијата по двата неуспешни обиди за комуникација оваа недела. Агенцијата ќе продолжи да слуша сигнали „за секој случај“, но шансите за „оживување“ на InSight речиси и да не постојат.
Во понеделникот, НАСА ја објави последната фотографија направена од InSight на Марс, направена на 24 април оваа година. Откако пристигна на површината на Црвената планета во 2018 година, прашината полека се акумулира на соларните панели на лендерот. На почетокот на оваа година, НАСА предвиде дека слојот од прашина ќе доведе до губење на моќта, што ќе предизвика лендерот на крајот да се исклучи. Се чини дека тоа сценарио сега се оствари.
НАСА истакнува дека мисијата на InSight на Марс била исклучително продуктивна. Лендерот собирал податоци за длабоката внатрешност на планетата повеќе од четири години. Тој користел високо чувствителен сеизмометар за да открие 1.319 земјотреси, вклучувајќи барем еден предизвикан од удар на метеорит. Користејќи ги овие податоци, научниците заклучија дека јадрото на Марс е двојно помало од јадрото на Земјата. InSight испраќаше дневни извештаи за времето на Марс и им даде шанса на луѓето да го слушнат татнежот на Црвената планета.
„InSight ги оправда очекувањата. Како научник која ја помина својата кариера проучувајќи го Марс, возбудливо е да се види што постигна лендерот благодарение на целиот тим луѓе ширум светот кои помогнаа оваа мисија да биде успешна. Тажно е да се каже збогум , но наследството на InSight живее, информира и инспирира“, рече Лори Лешин, директор на лабораторијата за млазен погон на НАСА