Шокантно и погубно за мојата репутација е на вести да гледам лаги, дека „полицијата ми нашла украден ехо-апарат“ дома, а ехо-апаратот никогаш не ги има напуштено просториите на болницата, ниту пак полиција дошла кај мене дома, вели за „Слободен печат“ Станко Трпески, поранешниот директор на болницата во Кичево, откако МВР му поднесе кривична пријава дека „додека бил директор неовластено присвоил дониран ехо-апарат од болницата“.
Трпески за „Слободен печат“ вели дека апаратот никогаш според неговите сознанија – не ја напуштил болницата во Кичево.
-Тој апарат е голем колку врата, а во целата болница има камери. На ехо-апаратот има баркод и во која било здравствена установа да завршел – би бил најден. Ниту сум го зел, ниту ми е потребен – изјави доктор Трпески за „Слободен печат“.
Тој ова го смета за политички исценирана хајка, која има за цел да му ја наруши репутацијата.