Денес министерот за транспорт и врски Александар Николоски порача дека целта на најавите за промени во телекомуникацискиот пазар со можност за влез на трет мрежен мобилен оператор е граѓаните да добијат поквалитетни услуги за помалку пари бидејќи според него „со сегашниот дуопол цените не само што не се намалуваат туку се зголемуваат“.
На новинарско прашање за писмото со намери што до Владата го достави операторот 4iG групација од Унгарија Николоски рече дека во наредниот период ќе се донесе стратешка одлука дали ќе се воведе трет мобилен оператор или ќе се работи на намалување на цените на постојните два оператори. Но, нагласи, факт е дека во моментов има дуопол помеѓу постојните два оператори и пазарот е идеално поделен 51:49 помеѓу првиот и вториот оператор.
-Цените на услугите не само што не се намалуваат туку се зголемуваат. Нема никаков натпревар ниту во делот на нудење на подобри услуги, ниту во делот на поевтини цени за граѓаните. Се соочуваме секој ден со проблеми затоа што постои овој дуопол – дали се работи за начин на којшто се поставуваат базни станици, дали се работи за услуги коишто се испорачуваат кон граѓаните, квалитетот не е на соодветно ниво, изјави Николовски, при посетата на Кавадарци.
Министерот рече и дека „се подготвени за напад од двата оператора, но и дека се неколку чекори пред нив и се добро информирани“.
-Кога влеговме во оваа операција бевме свесни дека ќе има голем напад од овие два оператора затоа што не им одговара да се разбие пазарот и да се воведе конкуренција, спремни сме за тој напад, ама да им кажам дека сме барем неколку чекори пред нив затоа што сме многу подобро од нив информирани и сме свесни дека тие никогаш нема јавно да излезат да го нападнат ова, туку преку одредени медиуми во коишто имаат сериозно спонзорство и издвојуваат дел од својот буџет преку реклами, ќе отвораат измислени теми од тип на не знам стратешки позиционирања.