Нови детали за трагедијата во Бугарија: Запрен камион можеби го предизвикал судирот, возачи застанувале за да снимаат

Запрен романски камион во возната лента можеби бил причина за првиот судир во тешката сообраќајна трагедија на бугарскиот автопат „Тракија“, во која загинаа 11 лица, а десетици беа повредени.

Ова го изјави Диана Русинова, претседателка на Европскиот центар за транспортни политики, која го посети местото на несреќата во близина на Јамбол.

Според нејзините првични информации, камионот бил запрен во активната сообраќајна лента во правец кон Бургас, но засега не е познато дали станува збор за технички дефект или друга причина.

Русинова изнесе и сомневање дека дел од судирите во спротивниот правец можеби биле предизвикани од возачи кои забавувале или застанувале за да помогнат, но и за да ја снимаат несреќата. Таа нагласи дека станува збор за претпоставки, а не за официјални заклучоци од истрагата.

Експертката упати сериозни критики за недостигот од современи системи за предупредување на автопатиштата, особено при густа магла и намалена видливост.

„Двапати бевме на чекор од изградба на таков систем, но тоа не се случи“, изјави Русинова, посочувајќи дека постапките за воспоставување системи за рано предупредување биле прекинати во 2022 и 2026 година.

Според неа, камерите за наплата на патарина не можат да ги заменат специјализираните сензори кои навремено детектираат магла, мраз и други опасности на патиштата.

Во трагедијата на 10 ноември учествуваа десетици автомобили и товарни возила, а густата магла на одредени делови ја намалила видливоста на околу десет метри.

Истрагата треба да ги утврди точните причини и околностите под кои се случиле верижните судири. Поради трагедијата, 11 ноември е прогласен за ден на национална жалост во Бугарија, според бугарските медиуми.

Пронајдете не на следниве мрежи: