Почетокот на новата година е вистинско време да ги промените навиките и да донесете нови одлуки кога станува збор за здравјето, а исхраната е неизоставен дел од тие одлуки.
Според мислењето на нутриционистите, намирниците богати со хранливи материи кои му помагаат на вашето тело правилно да функционира треба да се секојдневен дел од вашата исхрана.
За таа цел, нутриционистката Ким Роуз составила листа од 6 најздрави намирници кои веднаш треба да се најдат на вашето мени, пренесува „Eat This Not That“.
Јајца
Јајцата се богати со протеини и нив можете да ги јадете во било кој период од денот. Без разлика дали се јадат за појадок, ручек или вечера, тие можат да се подготват на многу начини.
Во текот на годините имаше бројни дискусии за здравствените придобивки од јајцата, но експертите на крајот заклучија дека тие се всушност многу корисни бидејќи обезбедуваат микронутриенти, корисни антиоксиданти и помагаат во намалување на хипертензијата, вели нутриционистката Роуз.
Грав
Гравот се смета за една од најздравите намирници. Богат е со растителни влакна и помага во намалување на холестеролот, го одржува нивото на шеќер во крвта и го поттикнува здравјето на дигестивниот систем.
Жителите на деловите од светот во кои најдолго се живее велат дека гравот е неизоставен дел од нивната исхрана.
Ленено семе
Лененото семе се смета за суперхрана бидејќи изобилува со омега-3 масни киселини кои го намалуваат холестеролот и се одлични за правилното функционирање на мозокот и срцето.
Грашок
Доколку сакате да внесувате повеќе растителни протеини, грашокот е вистинскиот избор за вас. Исто така, тој содржи малку масти и влакна.
Киноа
Оваа житарка е полна со витамини, хранливи материи и протеини и претставува една од најздравите намирници на светот. Според списанието „Journal of Cereal Science“, консумирањето киноа може да му помогне на вашето срце, цревата како и метаболичкото здравје.
Кељ
И конечно, на оваа листа неизбежен е и лиснатиот зелен зеленчук, а кељот е помеѓу најздравите. Тој е богат со витамините А, Б6 и Ц како и калциум, калиум, манган и бакар. Покрај тоа, дополнителен бонус е тоа што една шолја кељ содржи само 38 калории.