Орбан смета дека победата на Трамп ќе ја натера Европа да ја преиспита поддршката за Украина

Европа ќе мора да ја преиспита својата поддршка за Украина доколку Доналд Трамп биде избран за претседател на САД, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Според Орбан, Европа „нема да може сама да го носи товарот на војната“.

Орбан се противи на воената помош за Украина и јасно стави до знаење дека Трамп ги споделува неговите ставови и дека ќе преговара за мирно решение на конфликтот во Украина доколку биде реизбран за претседател на САД.

Унгарскиот лидер го поддржува американскиот републикански претседателски кандидат Трамп на претстојните избори во САД во вторник, на кои поранешниот претседател ќе се соочи со кандидатот на Демократската партија и американска потпретседателка Камала Харис.

– Ние (во Европа) мора да сфатиме дека ако во Америка се избере претседател кој е за мир,… ако се случи она што го очекуваме и Америка се декларира за мир, тогаш Европа не може да продолжи да ја поддржува војната, рече Орбан.

Украина ќе биде едно од главните прашања на агендата на европските лидери во Будимпешта оваа недела, рече унгарскиот премиер, мислејќи на состанокот на европската политичка заедница и неформалниот состанок на лидерите на ЕУ.

– Европа не може сама да го поднесе товарот (на војната) и ако Американците прогласат мир, тогаш ќе мораме да се прилагодиме и токму за тоа ќе разговараме во Будимпешта, објасни Виктор Орбан.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во јули изјави дека унгарската влада гледа на Трамп како „шанса за мир“ во Украина.

Во четвртокот, Виктор Орбан имаше телефонски разговор со Доналд Трамп за да му посака успех на изборите.

Пронајдете не на следниве мрежи: