Пицата е една од омилените брзи намирници во светот, но се покажало дека оваа вкусна закуска можеби и не е толку лоша за вас како што мислите.
Ако се подготвува со свежи состојки како што тоа го прават Италијанците, пицата може да ги ублажи симптомите на ревматоиден артритис, покажува едно истражување.
Што е ревматоиден артритис?
Ревматоидниот артритис е автоимуна болест која се јавува кога имунолошкиот систем погрешно ги напаѓа здравите клетки, предизвикувајќи воспаление и оток. Станува збор за долготрајна состојба која предизвикува болки и вкочанетост во зглобовите, а за која моментално нема лек. Сепак, раната дијагноза и третман – од вежби до операција – се клучни за спречување на долгорочно оштетување на зглобовите.
Научниците од Италија откриле дека јадењето барем половина пица еднаш неделно може да помогне да се намали болката предизвикана од болеста до 80 отсто. Експертите велат дека ова се должи на антиинфламаторните својства кои се наоѓаат во некои од свежите состојки.
„Овие корисни ефекти најверојатно се должат на моцарелата и, во помала мера, маслиновото масло, иако не можевме да го процениме можниот придонес на сосот од домати“, напишале истражувачите.
Пицата помага
За студијата, која беше објавена во „Nutrients“, експертите ја анализирале консумацијата на пица и пошироката исхрана на 365 луѓе со ревматоиден артритис на возраст меѓу 18 и 65 години. Учесниците кои јаделе половина пица повеќе од еднаш неделно пријавиле намалување на болката во споредба со оние кои јаделе две пици месечно. Оние со потешки облици кои јаделе иста количина пица забележале намалување на болката за 80 отсто.
Повеќе од 400.000 возрасни лица во Велика Британија страдаат од оваа болест, според Националното здружение за ревматоиден артритис. Лековите како што се стероидите и физиотерапијата се главните форми на лекување на состојбата. Не постојат силни докази кои сугерираат дека одредени промени во исхраната можат да го ублажат ревматоидниот артритис. Иако некои луѓе со оваа болест чувствуваат дека нивните симптоми се влошуваат по јадење одредена храна, здравствените власти препорачуваат да се следи антиинфламаторна медитеранска диета која вклучува зеленчук, овошје, мешунки, јаткасти плодови, житарки, риба и незаситени масти како што се маслиново масло.