Фармацевтската компанија „Модерна“ најави револуционерни вакцини за лекување на голем број болести, како што се срцевите заболувања и ракот, кои би можеле да бидат готови до 2030 година и да спасат милиони животи.
Од „Модерна“ велат дека новите вакцини против рак се „многу ветувачки“, и дека успеале да го кондензираат речиси дведеценискиот напредок на ова поле во период од 12 до 18 месеци.
Еден од лидерите на фармацевтскиот гигант, д-р Пол Бартон, рече дека се надеваат дека вакцините ќе можат да лекуваат кардиоваскуларни, автоимуни болести и други болести.
„Ќе имаме вакцина која ќе биде исклучително ефикасна и ќе спаси стотици илјади, ако не и милиони животи“, изјави Бартон за „Гардијан“.
Според него, тие ќе можат да понудат персонализирани вакцини против неколку видови тумори.
И други фармацевтски компании работат на вакцини против рак и други болести.
Така, во јануари беше објавена персонализирана mRNA вакцина за пациенти со рак.
Германскиот „Бионтек“, кој заедно со „Фајзер“ разви една од вакцините за ковид, заедно со британската влада ќе обезбеди персонализирана терапија за 10.000 пациенти до 2030 година.
Пронајдете не на следниве мрежи: