Почина фронтменот на Cockney Rebel, Стив Харли



Англискиот рок-музичар Стив Харли, поранешен фронтмен на популарната глам-рок група Cockney Rebel, почина по тешка болест на 73-годишна возраст, соопшти неговото семејство.

„Скршени сме што мораме да објавиме дека нашиот прекрасен сопруг и татко почина мирно дома опкружен од семејството. Појот на птиците од шумата што толку многу ја сакаше пееше за него. Неговиот дом е исполнет со звуците и смеата на неговите четири внуци“, објави семејствто Харли.

Ланскиот декември Харли објави дека боледува од рак, поради што мораше да ги откаже концертите кои беа најавени за 2024 година.

Роден е во 1951 година во југоисточен Лондон, во младоста неколку години работел како новинар, а во раните 1970-ти години ја основа групата Cockney Rebel, чиј пејач и главен автор беше самиот.

Првиот албум „The Human Menagerie“ беше издаден во 1973 година, а синглот „Sebastian“ од тој албум беше првиот хит на Харли. Следната година го снимија албумот „Psychomodo“, од кој песните „Judy Teen“ и „Mr. Soft“ станаа хитови и ги поттурнаа Cockney Rebel на врвот на тогаш популарниот глам-рок.

Најголемиот успех го постигна во 1975 година кога песната „Make Me Smile“ го достигна врвот на топ листите во Обединетото Кралство и со текот на времето стана заштитен знак на Харли. Досега се продадени повеќе од 1,5 милиони примероци.

Откако го достигна врвот на нејзината кариера, групата се распадна, а Харли продолжи да се занимава со соло кариера и извесно време работеше како презентер на програмата „Звуците на седумдесеттите“ на BBC Radio.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: