Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања денеска ја започна амандманската расправа по Предлог- Деловникот за работа на Собранието. Поднесени се 1965 амандмани, најмногу од Левица – околу 1800.
Првите неколку амандмани кои се разгледуваа и беа отфрлени од предлагачот, претседател на Собранието Талат Џафери, беа поврзани со употребата на македонскиот односно албанскиот јазик за водење на седници и на работните тела.
Димитар Апасиев укажа дека водењето на седници и на албански јазик е противуставно.
Пратеничката Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ кажа дека македонскиот јазик е единствен што се зборува на целата територија на земјата.
Дебата предизвика и амандманот пратениците кои зборуваат само македонски јазик да не добиваат материјали и на албански јазик. Тоа, како што појасни пратеничката Силјановска Давкова од ВМРО ДПМНЕ го нема никаде во Европа.
Халил Снопче од АА рече дека е запрепастен од барањето на пратениците Македонци да не добиваат материјали и на албански јазик.
Апасиев од Левица истакна дека тогаш освен албанскиот јазик во Собранието треба да се воведе и турски јазик на пример. Апасиев рече дека не е уставно архивата да се води двојазично. Ако е така, вели тој, тогаш архивата да се води и на други јазици.
Амандманската расправа за Деловникот почна по еднонеделни консултации меѓу пратениците откако Левица поднесе околу 1800 амандмани. Разговори и консултации се водеа меѓу координаторите на пратеничките групи, Џафери и Левица. Очекувањата на Џафери беа дека Деловникот, кој е резултат на разговорите во рамки на Жан Моне процесот, ќе се донесе со консензус.