Претходно денеска и лидерот на партијата За наша Македонија (ЗНАМ), Максим Димитриевски, објави дека одлучил да поднесе кривична пријава против МВР и ексминистерот Спасовски, кој му е и поранешен сопартиец од СДСМ, поради набавката и издавањето лични документи со старото уставно име на државата во период кога одредбите од Преспанскиот договор веќе беа во сила
Пратеникот Бојан Стојановски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ најави дека партијата утре ќе поднесе кривична пријава против ексминистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски поради оштета на државниот Буџет.
Говорејќи во емисијата „Само вистина“ на Канал 5, Стојановски обвини дека поранешниот прв човек на МВР своевремено дозволил набавка на обрасци и издавање лични документи со старото уставно име, притоа знаејќи дека согласно Преспанскиот договор тие ќе бидат неважечки по 12 февруари 2024 година, а со тоа им нанел штета на Буџетот и на граѓаните.
„Се знае кое е името и презимето за ова што се случува со патните исправи, деветгодишниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски којшто за одредени политички цели не ја кажал оваа обврска пред граѓаните, затоа што постоела оваа обврска пет години како што можеме да видиме“,
изјави Стојаноски.
Претходно денеска и лидерот на партијата За наша Македонија (ЗНАМ), Максим Димитриевски, објави дека одлучил да поднесе кривична пријава против ексминистерот Спасовски, кој му е и поранешен сопартиец од СДСМ.
Освен против Спасовски, кривична пријава најави и против Министерството за внатрешни работи поради набавка и издавање лични документи со името „Република Македонија“ во периодот од 12 февруари 2019 година до средината на 2021 година – период кога одредбите од Преспанскиот договор беа во сила.
„Во тој период издавале официјални лични документи на граѓаните на обрасци со поранешното име на државата, односно користеле обрасци коишто не требало да се користат. Со тоа овозможиле изработка и издавање на официјални лични документи со важност подолга од 12 февруари 2024 година, иако знаеле дека важноста на истите е до 12 февруари 2024 година. Понатаму, не ги преземале сите дејствија коишто требало да бидат преземени за навремена набавка на соодветни обрасци за издавање лични документи со уставното име на државата, односно доцнеле со набавката на соодветни обрасци и пропуштиле да преземат соодветни дејствија со цел навремено известување на граѓаните на Северна Македонија дека рокот на важност на официјалните лични документи издадени на старите обрасци истекува на 12 февруари 2024 година“,
изјави денеска лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски.
Димитриевски додава дека со ваквите дејствија постои основано сомнение оти е сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување и несовесно работење во службата.