Претреси во Охрид поради фотографирање избирачки список и гласачки ливчиња



Службеници на СВР – Охрид во текот на вчерашниот ден извршиле претрес во дом и помошни простории на две лица од Охрид, осомничени дека се сторители на кривично дело злоупотреба на лични податоци и прекршоци на Изборниот законик

Според соопштението од СВР – Охрид, по претходно добиени оперативни податоци за фотографирање на избирачки список и гласачки ливчиња на првиот круг од Претседателските избори одржан на 24 минатиот месец, од судија на претходна постапка обезебедена била наредба за претрес во дом и помошни простории кај М.М.(51) од Охрид и Т.Ц.Т (44) од Охрид, и двајцата членови на избирачки одбор предложени од политичка партија.

При претресот пронајдени биле два мобилни телефони, во кои биле откриени фотографии од избирачки список со лични податоци од гласачи во избирачкиот список, фотографии од гласачки ливчиња со заокружен број испраќани од гласачи како доказ дека го дале својот глас за еден кандидат, а потоа споделени во креирана група за комуникација на мобилна апликација за комуникација.

Според соопштението, со двете лица извршен е разговор во полициска станица.

Дополнително, во текот на денешниот ден повикани се и други лица со цел обезбедување на дополнителни доказни материјали за кривичното дело по член 149 од КЗ “злоупотреба на лични податоци” и прекршок по член 190 став 2 од Изборниот законик.

По целосно документирање на случајот, ќе следуваат соодветни поднесоци. 

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: