На познатата улица Шанзелизе во Париз се собраа 300.000 лица во празнична атмосфера да ја дочекаат Новата година, е проценката на францускиот министер за внатрешни работи Кристоф Кастанер, јави дописникот на МИА.
Франција ја дочека Новата година мирно, по неколку неделните протести и немири предизвикани од движењето „жолти елеци“ проследени со насилство, што предизвика страв кај властите за новогодишната ноќ на Шанзелизе и во другите француски градови, но сепак музичката програма и огнометот поминаа во најдобар ред.– Речиси 148.000 припадници на безбедносните сили беа ангажирани ширум Франција, истакна Кастанер.Во Париз беа распоредени 18.000 полицајци.
Полицијата употреби солзавец околу два часот и ја распрсна групата од околу 200 „жолти елеци“, кои се наоѓаа меѓу луѓето собрани на прославата во близина на Шанзелизе.
Во Бордо, каде се случија жестоки судири минатиот месец, меѓу 100 и 200 „жолти елеци“ одлучија да ја прослават Новата година на улицата која води до мостот Аквитанија, пред да бидат протерани од силите на редот, кои употребија водени топови. Тие изјавија дека дошле на овој мост „за да не ги заборавел Макрон и да му покажат дека ќе бидат таму и во 2019 година“.
Министерот за внатрешни работи ја поздрави пораката од честитките на францускиот претседател Емануел Макрон, кој повика на почитување на државниот поредок и ги осуди „гласноговорниците на толпата полна со омраза“.