Рокас: Проширувањето ќе се случи, ЕУ има неотповиклива желба да помогне во евроинтегративниот процес

Европската Унија има неотповиклива желба да помогне во евроинтегративниот процес на Македонија. Тука сме да помогнеме за што е можно поскоро да се спроведат неопходните реформи во земјава, со цел граѓаните да видат кои се придобивките во реално време од овие реформи, порача денеска евроамбасадорот Михалис Рокас на денешната промоција на Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија“, во организација на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) и фондацијата „Конрад Аденауер“.

Според анализата, поддршката на граѓаните за пристапување кон Европската Унија се задржува на ниво од 62 проценти. Највоздржани се најмладите и највозрасните испитаници, кај кои е констатирана поголема неопределеност. Перцепцијата за влијанието на Соединетите Американски Држави бележи значителен пад кај нашите граѓани – за 20 проценти во споредба со лани.

Амбасадорот Рокас во своето обраќање рече оти анкетата покажува дека е потребно детално да се разгледаат овие наоди и да се види каде може да се направи одредено подобрување.

Тој рече дека главната порака на амбасадорите до граѓаните треба да биде уверувањето дека проширувањето ќе се случи и дека е со опиплива вредност.

-Од една страна, треба да се помогне со ставање на фокус на забрзување и што е можно поскоро спроведување на неопходните реформи, така што самите граѓани ќе можат да видат кои се придобивките во реално време од самите реформи, а од друга страна политички, треба да се справиме и со поголемите предизвици кои се случуваат во Европа – додаде Рокас.поддршка

Амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер во своето обраќање напомена дека земјите од ЕУ се партнери во процесот на пристапувањето на Северна Македонија во Унијата.

– Ако не верувате во можноста позитивно да се влијае на процесот, тогаш тој процес не треба ни да го започнете. Дефинитивно, тоа е нешто што во голема мера зависи од чекорите кои се преземени во регионот. Она што се покажа за време на Конференцијата за безбедност во Минхен е дека Европа се наоѓа на една критична и егзистенцијална раскрсница по однос на безбедноста. Тоа не потсетува за што всушност е основана Европската Унија. Тоа е Унија којашто би требало да гарантира мир, слобода, стабилност и просперитет за своите луѓе и за своите соседи. Важно е да се потсетиме дека тоа е во сржта на она што треба да го бараме и постигнуваме заедно – рече Дрекслер.

Говорејќи за резултатите од анкетата, Дрекслер напомена дека е позитивно изненадена и оти граѓаните јасно го кажале своето мислење каде припаѓаат, а тоа е во Европа. Според Дрексер, стапката на поддршка за влез во ЕУ е навистина висока.

Пронајдете не на следниве мрежи: