Неодамна спроведената студија покажува дека консумацијата на јаткасти плодови би можела да има изненадувачки бенефити за нашето ментално здравје, пренесува „New York Times“.
Истражувањето чии резултати се објавени во списанието „Clinical Nutrition“ покажало дека секојдневното консумирање јаткасти плодови може да помогне во намалување на ризикот од депресија кај возрасните лица.
„Нашите откритија истакнуваат уште една придобивка од консумирањето јаткасти плодови, со 17 отсто помал ризик од депресија. Ова дава уште посилно образложение за луѓето да станат ентузијастични околу консумирањето јаткасти плодови“, вели главниот автор на студијата Бруно Бицозеро-Перони од Универзитетот Кастиља-Ла Манча во Шпанија.
Студијата вклучувала повеќе од 13.500 луѓе во Велика Британија на возраст од 37 до 73 години кои немале дијагностицирана депресија на самиот почеток од истражувањето. Била евидентирана целата консумација на јаткасти плодови, вклучувајќи несолени јаткасти плодови како бадеми, индиски ореви и ф’стаци, солени јаткасти плодови, пржени јаткасти плодови и кикиритки.
„Оваа студија ја анализираше тесната поврзаност помеѓу консумацијата на јаткасти плодови и ризикот од депресија на голем примерок средовечни и постари возрасни лица во Велика Британија“, велат авторите. Истражувачите ги испитувале податоците на учесниците во текот на 5 години, а на 8 отсто од испитаниците им била дијагностицирана депресија во тој период.
Студијата открила дека ниската до умерена консумација на јаткасти плодови, што е еквивалентно на дневна порција од 30 грама, е поврзана со 17-отстотно намалување на ризикот од депресија во споредба со учесниците кои не јаделе јаткасти плодови.
Овие наоди останале точни дури и по набљудувањето на животниот стил и здравствените фактори, а истражувачите забележале дека антиинфламаторното и антиоксидативното дејство на јаткастите плодови врз мозокот би можелo да биде причината за овие резултати.