Со летниот ред на летање се враќаат повеќето од авиолиниите што беа запрени во 2020 година со затворањето на аеродромот во Скопје. Станува збор за голем број линии на авиокомпанијата Визер, како и на рутата Скопје-Варшава на полски ЛОТ. Најавени се и чартер летови од Скопје до Анталија во Турција за периодот од мај до октомври од пет авиокомпании.
Ваквите најави се очекува да го зголемат бројот на патници, којшто, како и во минатата година по стартот на пандемијата, така и во првите два месеца од годинава бележи пад од 70 проценти во однос на истиот период лани. Сепак, натамошниот развој на воздушниот сообраќај ќе зависи од одлуките на владиите поврзани со ковид-пандемијата.-Бројот на авиокомпании кои летаат од Меѓународниот Аеродром Скопје во рамки на летниот распоред на летање за 2021 година, останува речиси истиот. Во зимскиот распоред на летови имавме 10 авиокомпании кои летаа од скопскиот аеродром и тоа: Ер Србија, Ејџиан ерлајнс, Аустриан ерлајнс, Еделвајс, Чер ерлајнс, Кроација ерлајнс, Пегасус ерлајнс, Туркиш ерлајнс, Виндроуз ерлајнс и Визер. Сега, во летниот распоредот на летање, кој почнува од крајот на март до крајот на октомври, ќе имаме уште една авиокомпанија, а тоа е полската ЛОТ. Тие најавија дека ќе се вратат на македонскиот пазар со летовите на релација Скопје-Варшава, од јуни до октомври, коишто беа прекинати со почетокот на пандемијата минатата 2020 година. Бројот на дестинации од Меѓународниот Аеродром Скопје во зимскиот распоред на летање беше 22, а сега авиокомпаниите најавија вкупно 41 редовна дестинација, што, како што велат од ТАВ, значи дека повеќето од линиите што беа запрени во 2020 година со затворањето на аеродромот, сега се враќаат. Покрај редовните авиолинии/дестинации од Меѓународниот Аеродром Скопје, пет различни авиокомпании најавија чартер летови од Скопје до Анталија во Турција, почнувајќи од мај до октомври. Тоа се Туркиш ерлајнс, Пегасус ерлајнс, Корендон ерлајнс, Сан експрес и Фрибрд ерлајнс.
Сепак, укажуваат од ТАВ Македонија, поради крајно неизвесното деловно опкружување во авиоиндустријата, кое е како резултат на брзите промени во политиките на различни земји за влез на нивно тло, а кои се прават поради Ковид-19, очекуваме можни промени во фреквенциите на летовите на најавените дестинации, како и можни откажувања на некои од најавените дестинации од скопскиот аеродром, исто како што се случуваше и минатата година.
Поради ова, апелираат до сите патници, редовно да проверуваат со нивната авиокомпанија, дали е направена каква било промена на редот на летање во врска со одредена дестинација од скопскиот аеродром, и тоа да го прават дури и откако ќе ги набават авиобилетите, сè до моментот на нивното патување.
Во однос на враќањето на намалените дестинации, како што наведуваат, најавено и ставено е во нивниот распоред, враќањето на голем број линии на авиокомпанијата Визер, како и на рутата Скопје-Варшава, на која лета полски ЛОТ. Авиолинијата Скопје-Атина, со Ејџиан ерлајнс, веќе е вратена на редовниот распоред на летови, од февруари годинава.
-Што се однесува до авиолиниите Скопје-Дубаи, со Флај Дубаи и Скопје-Доха, со Катар ервејс, веќе знаеме дека овие две дестинации нема да бидат обновени со почетокот на летниот распоред на летови годинава. Слично како и авиолинијата Скопје-Истанбул, така и авиолинијата Скопје-Варшава, и споменатите две рути Скопје-Дубаи и Скопје-Доха, нашите патници ги користеа како транзитни точки за интерконтинентални летови, велат од ТАВ.
Пад од 70 отсто на бројот на патниците во јануари и февруари оваа година, споредбено со истиот период лани
Во однос на тоа работата на аеродромот една година по панедмијата, како што посочуваат, за жал, во првите два месеца од годинава нема напредок во поглед на патничкиот сообраќај. Има пад од 70 проценти на бројот на патници и на 55 проценти на бројот на летови.
-На двата македонски аеродрома, во јануари и февруари 2021 година, имаме пад од 70 проценти на бројот на патници, во споредба со истиот период од 2020 година, кога пандемијата сè уште не беше започната. Во јануари и февруари, скопскиот и охридскиот аеродром заедно опслужија 104.096 патници, додека во истиот период од 2020 година имавме вкупно 350.708 патници на двата македонски аеродрома.
Главен фактор за обновување на воздушниот сообраќај е забрана за патување во ЕУ/Шенген за македонските граѓани. Ако биде укината, и кога ќе биде укината, а луѓето ќе почнат да патуваат повторно од туристички причини, посочуваат, може да очекуваме да се вратиме на нивоата на сообраќај на патници што ги имавме пред кризата.
Во врска со работењето за време на пандемија, појаснуваат, работиме според новиот аеродромски пандемиски протокол што беше воведен минатата година. Преку овој документ имплементираме засилени здравствени и хигиенско-санитетски мерки, со цел безбедност на патниците и на вработените. Последната новина воведена во јануари 2021 година, е објектот за тестирање за Ковид-19, којшто е отворен од овластена лабораторија пред терминалната зграда на Меѓународниот Аеродром Скопје, со цел нашите патници да можат да направат брзи антигенски тестови, коишто станаа задолжителни за качување на авионски лет и влез во многу странски земји.