„Се обративме до повеќе странски здравствени установи“, велат од ФЗО за обидот да ѝ помогнат на Теодора (12) да добие ново срце

Фондот за здравствено осигурување тврди дека се обратил до повеќе странски здравствени установи, во обид да најде решение за случајот на малата Теодора Колева од Кавадарци која е родена со срцева мана, поради што треба да ѝ биде трансплантирано срце.

Теодора има 12 години и поради возраста, докторите им предочиле на нејзините родители дека не може да биде оперирана овде.

Но за операцијата во странство не се проблем само финансиите.

Родителите на девојчето стапиле во контакт со неколку здравствени установи надвор од нашите граници, но безуспешно. Теодора не е државјанин на тие земји, а токму државјанството е услов за да се изведе една сложена операција како што е трансплантацијата.

Со обезбедено конзилијарно мислење од Детската клиника во Скопје, родителите на Теодора поднеле барање до Фондот за здравствено осигурување, за девојчето да биде упатено на лекување во странство. Барањето сепак е одбиено два пати.

По сведоштвото на мајката на Теодора, Марина Колева која за ММС раскажа дека состојбата на нејзината ќерка се влошува, нашата редакција се обрати до ФЗО.

Од оваа институција во писмен одговор посочија дека се обратиле до повеќе странски здравствени установи. Сепак, одговор пристигнал само од оние во Турција кои во своите известувања навеле дека интервенцијата-трансплантација на срце се врши само за турски државјани.

Марина пак, во разговорот за ММС истакна дека таа исконтактирала со
д-р Сергио Ведовати, координатор за трансплантација на органи во болницата L’ASST Papa Giovanni XXIII во Бергамо, Италија. Кардиохирургот Ведовати ѝ предочил дека нашите здравствени власти мора да се обратат до Националниот центар за трансплантација на Италија, па дури потоа Теодора да биде впишана на листата.

Од Фондот за здравствено осигурување велат дека исконтактирале со посочената италијанска болница, од каде пак информирале дека сѐ уште немаат согласност за вршење на оваа интервенција од тамошниот центар за трансплантација.

, додека од страна на болницата во Италија доставено е известување дека се уште не е добиена согласност за вршење на оваа интервенција од Италијанскиот национален центар за трансплантација, за која што е надлежно Министерството за здравство.

-Исто така, Фондот се обрати до Министерството за здравство, сѐ со цел да може осигуреното лице да го оствари правото на лекување во странство. Фондот по дополнително примено барање по е-пошта од родителот М.К. каде се бара да се обратиме до Италијанскиот центар за трансплантација на срце заради ставање на Листа на чекање на детето, истото со допис го проследи до Министерството за здравство како надлежен орган за примена на Законот за земање и пресадување делови на човечкото тело заради лекување – се вели во писмениот одговор за ММС.

Од оваа институција додаваат дека согласно законот, Министерството за здравство обезбедува и координира дистрибуција и размена на органи или ткива меѓу овластените здравствени установи во Република Северна Македонија и соработува со сродни странски и меѓународни организации заради можна размена на органи за пресадување.

-Овие активности министерството ги врши преку Националниот координатор за трансплантација и со поддршка на Националниот комитет за трансплантација формиран од министерот за здравство, поради што одговорот треба да биде даден од нивна страна – велат од Фондот.

Според сведоштвото на мајката пак, Министерството веќе се има обратено до надлежните италијански органи, но засега нема одговор од нив.

(В. Ми)

Пронајдете не на следниве мрежи: