Таравари демантира дека вчера имал тајна средба со Ахмети, на која добил понуда



Претседателскиот кандидат на албанската опозициска коалиција „Вреди“, Арбен Таравари преку соопштение ја демантира веста објавена од албанскиот „Топ-ченел“ оти вчера тајно се сретнал и добил понуда од претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети по резултати од претседателските избори.

Во веста на „Топ-ченел“ се вели дека „Таравари добил сериозна понуда од Ахмети да се приклучи на „Европскиот фронт’“, за која велат дека самиот Таравари ја потврдил информацијата за средбата“.

-Неколку часа по поразот на вчерашните претседателски избори, претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари одржал тајна средба со претседателот на ДУИ, Али Ахмети и техничкиот премиер на Северна Македонија, Талат Џафери. Самиот Таравари ја потврди средбата за домашните медиуми, но не сакаше да даде повеќе детали. Прашан дали ќе ја прифати понудата што му ја дал првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, Таравари изјави дека наредните денови јавно ќе проговори. Медиумите објавија дека на средбата на која присуствувал и еден министер од ДУИ во владиниот кабинет, Ахмети му дал сериозна понуда на Арбен Таравари да се приклучи на „Европскиот фронт“ и сега се очекува неговиот конечен одговор, објави „Топ-ченел“.

Таравари во вели дека оваа вест е лажна и посочува дека не би било изненадување доколку дојде Ахмети со некаква понуда до него.

-Со жалење денеска од еден многу сериозен албански медиум како што е Топ-ченел дознав дека синоќа сум се сретнал со господинот Ахмети и други функционери на ДУИ, за да слушнам понуда од него. Не, не е вистина. Кој и да ја дал оваа вест на Топ-ченел, лаже. Синоќа му честитав на мојот тим и мирно денеска продолжуваме со нашата работа Кон промената! Навикнат сум на понудите на Ахмети и мислам дека не би било изненадување доколку дојде до мене, но оваа вест е лажна, истакнува Таравари.

На вчерашниот прв круг од претседателските избори претседателскиот кандидат на „Влен“, Таравари е на четврто место од седуммината кандидати со освоени 83.356 или 9,21 отсто од гласовите, додека претседателскиот кандидат на „Европскиот фронт“, Бујар Османи е на третото место со освоени 120.903 гласови или 13,36 проценти.

Бујар Османи победи во Арачиново (53,51 отсто), Боговиње (55,33 отсто), Врапчиште (58,02 отсто), Дебар (49,88 отсто), Долнени (32,95 отсто), Желино (49,45 отсто), Липково (56,83 отсто), Пласница (66,91 отсто), Сарај (55,49 отсто), Струга (39,38 отсто), Студеничани (50,54 отсто), Теарце (41,30 отсто), Тетово (37,91 отсто), Чаир (40,65 отсто), Центар Жупа (35,03 отсто) и Шуто Оризари (37,11 отсто). Арбен Таравари освои најмногу гласови во Гостивар (32,26 отсто).

Првичните резултати што Државната изборна комисија ги објави изутрината на својата веб-страница покажуваат дека од обработени речиси 100 проценти од гласачките ливчиња, најмногу гласови на вчерашните претседателски избори освои кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова, 362.682 (40,08 отсто), пред Стево Пендаровски од СДСМ со 180.306 (19,93 отсто).

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: