Двајца млади жители на Струга вчера биле уапсени под сомнение дека го запалиле автомобилот на 36-годишен жител на Охрид, паркиран пред неговата куќа, соопшти МВР.
„Вчера, постапувајќи по претходно добиена пријава на 08.11.2024 од М.Г. (36) од Охрид дека пред неговата куќа во Охрид било опожарено возило „БМВ“, кое тој претходно го управувал и паркирал пред куќата, полициски службеници од ОВР Струга ги лишија од слобода В.М.(24) од Струга и Р.А. (18) од с. Радолишта, Струга“, велат од полицијата.
Двајцата се спроведени во полициска станица, а во службениот разговор В.М. во целост го признал извршеното кривично дело, додаваат од полицијата. Осомничените ќе одговараат за предизвикување општа опасност, а на двајцата им е одреден 30-дневен притвор.