Функцијата премиер и министер е неспојлива со други јавни функции

Од ДКСК посочуваат дека непочитувањето на овие обврски и забрани повлекува последица за престанок на мандатот на избраните функционери согласно Законот за Собранието, Законот за пратениците и Изборниот законик

Уставот на Република Северна Македонија предвидува дека функцијата претседател на Владата и министер е неспојлива со вршење други јавни функции или професии, велат од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). 

Илустративна фотографија / Фото: Архива

Оттаму преку соопштение ги повикуваат избраните функционери да ги почитуваат начелата, обврските и забраните утврдени во Уставот, Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, Законот за пратеници, Законот за Собранието и Изборниот Законик. 

Со наведени цитати од членови од посочените закони, од Антикорупциска укажуваат на правната легислатива со која се забранува извршување на две или повеќе државни функции истовремено. 

„Функцијата пратеник е неспојлива со функцијата претседател на Република Македонија, претседател на Владата на Република Македонија, министер, судија на Уставниот суд на Република Македонија, судија, народен правобранител, јавен обвинител и други носители на функции кои ги избира и именува Собранието и Владата на Република Македонија, со член на совет на општина и градоначалник на општина, односно градот Скопје и вработените на стручни и управни работи во органите на државната управа“,

го цитираат од Антикорупциска членот 9 од Законот за пратениците на Република Северна Македонија. 

Оттаму велат дека Уставот и законите треба подеднакво да важат за сите граѓани на државата, вклучувајќи ги и актуелните, но и претходните функционери. 

„Се повикуваат лицата кои се на највисоки државни функции и вршат јавни овластувања, на обврската за почитување на начелата за законитост и интегритет“,

се наведува во соопштението на ДКСК. 

Додаваат дека непочитувањето на овие обврски и забрани повлекува последица за престанок на мандатот на избраните функционери согласно Законот за Собранието, Законот за пратениците и Изборниот законик.  

„Воедно, истото претставува прекршок за кој согласно член 105 став 1 алинеја 1 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси се изрекува одредена прекршочна санкција“,

велат од Антикорупциска. 

Пронајдете не на следниве мрежи: