Одредени намирници можат да го преоптоварат желудникот, да предизвикаат болки и да го нарушат сонот, па затоа одбегнувајте да ги консумирате во доцните вечерни часови.
Првото правило кон кое треба да се придржуваме кога ќе огладнеме доцна навечер е да не јадеме премногу.
Во вечерните часови организмот бара полесна храна, а ако изедете нешто потешко, тоа ќе биде лошо за вашиот желудник. Тешката храна ќе го оптовари, ќе му треба многу време за да ја свари, можат да се јават болки, а истовремено ќе ви се наруши и сонот.
Желудникот на еден просечен човек троши 3 часа за целосно да ја преработи храната и за таа да стигне до цревата, па јасно е дека доцните оброци се лоша идеја.
Еве кои намирници е најдобро да ги избегнувате навечер:
Масна храна
Заборавете на сладоледот, колачињата, хамбургерите и сите намирници со голема количина на штетни маснотии бидејќи тие делуваат врз желудникот исто како и алкохолот.
За да се сварат мастите од храната, потребно е повеќе време. Добро е да јадете масти во умерени количини доколку сакате да бидете сити помеѓу оброците, но одбегнувајте ја оваа храна пред спиење бидејќи ќе ви предизвика чувство на тежина во стомакот и непријатни болки.
Млекото, јогуртот, авокадото, јаткастите плодови, сладоледот и путерот треба да ги одбегнувате. Помеѓу најштетните намирници, секако, е и полномасното сирење.
Чоколадо
Покрај големата количина на маснотии, чоколадото содржи и кофеин кој се наоѓа во какао путерот, но и теобромин, состојка која поттикнува желудочен рефлукс.
Кисели намирници
Околу 10 отсто од младата популација страда од рефлукс, а многумина не знаат дека причината за тоа би можела да биде киселата храна што се консумира навечер. Вообичаениот симптом е жарење во задниот дел од грлото или во градите.
Проблемот е во тоа што содржината во желудникот по малку се враќа во грлото, што во лежечка положба значително се влошува. Причината може да биде и зачинетата и пржена храна, како и сите оброци базирани на сок од домати кои се многу кисели, па затоа треба да ги тргнете од листата на дозволени намирници пред заминување во кревет.
Јаткасти плодови
Без разлика дали се заситени или незаситени, маснотиите за желудникот се секогаш лоши во вечерните часови. Без оглед на тоа што јаткастите плодови воглавно се полни со добри маснотии, треба да ги избегнувате пред спиење. Најлошо ќе ви влијаат оревите, кикириките и индиските ореви, а за желудникот се најлесни бадемите и ф’стаците.