Цената на суровата нафта „брент“ падна за повеќе од седум проценти на околу 104,7 долари за барел во понеделник, откако САД и Иран изјавија дека се отворени за дипломатско решение на конфликтот. Американската сурова нафта падна под 100 долари.
Како што објави CNBC, фјучерс договорите за Брент, меѓународната референтна нафта, беа за 7,7 проценти пониски во 18:11 часот по наше време и чинеа 104,66 долари за барел. Во петокот, Брент затвори на 113,43 долари.
Американската WTI нафта, според податоците на „Трејдинг економикс“, падна на 96,07 долари за барел, што е за 7,73 проценти помалку во однос на претходниот ден.
Падот дојде откако американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека претседателот Доналд Трамп не донел одлука за напад врз Иран. Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави, според иранските државни медиуми, дека Техеран сака да ги реши проблемите преку дијалог.
Иранскиот министер за надворешни работи изјави за време на викендот дека иранските преговарачи се во Катар, каде што разговараат за предлогот што би можел да го отвори Ормутскиот теснец во рок од два дена. Сепак, нема директни разговори со САД.
Пазарот, според CNBC, претходно очекуваше голема воена ескалација по изборите за Конгресот во САД, кои се одржуваат во вторник. Рајан Мекеј од TD Securities рече дека вестите за дипломатските напори силно влијаеле врз цената бидејќи голем дел од претходниот пораст бил премија за ризикот од можен конфликт.
„Пазарот на нафта продолжува да реагира исклучително чувствително на какви било вести од Блискиот Исток“, рече аналитичарот на UBS, Џовани Стауново.
Брентот варираше помеѓу 72 и 126 долари за барел од почетокот на војната кон крајот на февруари. Пред една година, беше околу 65 долари.
„Голдман Сакс“ во неделата ја зголеми својата прогноза за Брент во декември од 90 на 105 долари за барел, а просечната прогноза за 2027 година од 80 на 88 долари.
The post Цените на нафтата паднаа за повеќе од седум проценти, бидејќи пазарот реагира на изјавите на американските и иранските претставници appeared first on Во Центар.



