Сашими од свилена буба или кари од штурец се враќаат на менито во Јапонија бидејќи инсектите полека стануваат поодржлив извор на храна – и додека на некои им се едноставно одвратни, други ги сметаат за обично јадење, па дури и деликатес.
Ентомофагијата, т.е. јадењето инсекти, почна сериозно да се сфаќа на светско ниво, откако Обединетите Нации ги прогласија инсектите за остварлив извор на протеини за исхрана на населението во цел свет коешто, се проценува, ќе порасне на 9,7 милијарди до 2050 година. Влијанието на сточарството врз климатските промени, заедно со глобалните проблеми со безбедноста на храната поради екстремните временски услови и политичките судири, исто така го зголемија интересот за висококвалитетна, исплатлива исхрана обезбедена од инсекти.
Додека некои потрошувачи мислат дека јадењето инсекти е „забавно“, Јапонија има богата кулинарска историја на инсекти како храна. Скакулци, оси, мравки, лебарки и разни бубачки традиционално се јаделе во подрачјата без излез на море каде што има малку месо и риба – практика што се интензивирала поради недостигот на храна и за време и по Втората светска војна.