„Да изнајдеме решени кое ќе е прифатливо и за идната влада во Бугарија. Работиме интензивно, сепак не зависи само од ‘Вреди’, повеќе зависи од идниот премиер. Тука сме да го охрабруваме за што побрзо да се случат уставните промени“, вели за емисијата Трилинг еден од лидерите на коалицијата „Вреди“
Топ приоритет на државата е започнување на преговорите со Европската Унија (ЕУ) и да се одржи европскиот пат на државата, што побрзо толку подобро, вели градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари и еден од лидерите на коалицијата „Вреди“ за емисијата „Трилинг“ на ТВ 24.
Прашан дали стартот на новата влада ќе биде проследен низ диоптријата на ставот – не го прифаќаме уставното име, Таравари рече оти не верува во тоа. Тој кажа дека уставното име на државата е Република Северна Македонија, а „во приватната конверзација може да разговараме како сакаме, но треба да сме свесни и да се почитува уставното име“.
„Топ приоритет на државата е започнување на преговорите со ЕУ. Да се одржи европскиот пат на државата, што побрзо толку подобро. Да изнајдеме решени кое ќе е прифатливо и за идната влада во Бугарија. Работиме интензивно, сепак не зависи само од ‘Вреди’, повеќе зависи од идниот премиер. Тука сме да го охрабруваме за што побрзо да се случат уставните промени. Има одредени варијанти за временската рамка за уставните измени, тој ексклузивитет го има идниот премиер, да почекаме да завршат европските избори“,
изјави Таравари.
Според него не се реални очекувањата и оти е „невозможна мисија“ да се промени Преговрачката рамка со Европската Унија.
„Не, тоа е невозможна мисија. Постојат два-три модалитети прифатливи за Скопје и Софија. Има опции за кои се размислува интензивно за да биде решение кое многу брзо може да помине. Овој мандат не само што ќе започнат преговорите со ЕУ, може и многу брзо да течат. Не се сомневам дека сите што сме дел од идната влада имаме искрени и чесни намери. Да се бориме искрено со криминал и корупција, да го одржуваме здравството, да бидат паралелни процеси. Има бројки оваа влада. Ако се најде решение Скопје – Софија, може веднаш да поминат уставните промени“,
вели Таравари.
Околу информациите дека тој ќе биде идниот министер за здравство во новата влада за чиј состав мандатар е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Таравари вели дека има реални шанси тоа да биде случај.
„Ми требаат неколку консултации во партијата. Разговараме во Централното претседателство, разговараме и во Општината. За мене уште еден битен елемент – дали граѓаните би гласале уште двапати до следните локални избори“,
рече Таравари.
Во однос на договорот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ околу владините ресори смета дека „распределбата е коректна, во однос на целокупната ситуација, дека не се многу битни бројките и институциите, туку битни се луѓето кои ќе раководат и меѓусебниот респект во идната влада“.
Таравари е оптимист дека предложениот закон за реорганизација на министерствата и нови ресори во владата ќе помине во Собранието без проблеми, и за тоа очекува поддршка од сите партии.