Гал Гадот, израелската актерка позната по улогата во филмот „Чудесна жена“ („Wonder Woman“), доби своја ѕвезда на Булеварот на славните во Холивуд. Меѓутоа, наместо гламур и прослава, настанот го одбележаа тензии, протести, судири и полициска интервенција.
Скандирањата, транспарентите и судирите на демонстрантите фрлија сенка на овој голем момент за познатата актерка.
Церемонијата беше прекината кога пропалестинските демонстранти влегоа во вербална пресметка со приврзаниците на Гал Гадот. Страстите есклира, па во еден момент дојде до физичка пресметка откако еден демонстрант се обидел да му го одземе знамето од рацете на друг учесник, што предизвикало хаос.
Полицијата брзо реагираше, демонстрантите беа приведени, а настанот продолжи со засилено обезбедување.
Инцидентот се случи за време на контроверзите околу филмот „Снежана“, во кој Гадот ја толкува Злобната кралица, додека главната улога ја толкува Рејчел Зеглер, актерка позната по своите пропалестински ставови. Гласините за непријателство меѓу двете актерки кружат со месеци, а тие дополнително се разгореа откако заедно доделија награда на Оскарите во 2025 година.
Гадот: „Не можам да молчам“
Гал Гадот претходно го искажа својот став за израелско-палестинскиот конфликт:
„По 7 октомври 2023 година, решив да не коментирам за политиката, бидејќи кому му е важно што мислат познатите личности за политиката? Но, кога луѓето беа киднапирани од нивните домови, кога жените и децата станаа жртви, не можев да молчам“.
Таа додаде дека не мрази никого, но дека како внука на преживеан од Холокаустот, чувствува одговорност да се бори за заложниците:
„Се молам за подобри денови за сите. Сакам сите да имаат можност да ги одгледуваат децата во безбедна средина“.
За разлика од Гадот, Рејчел Зеглер јавно изразува поддршка за Палестинците и ги повикува навивачите да донираат хуманитарна помош за Газа. Нејзините ставови беа критикувани од некои израелски медиуми
Холивуд во сенка на политичките поделби
Овој инцидент уште еднаш покажува колку е чувствително израелско-палестинското прашање во филмската индустрија. Холивуд е длабоко поделен, а контроверзноста околу филмот „Снежана“ продолжува со несмалено темпо, додека тензиите меѓу ѕвездите и нивните обожаватели се прелеваат на улиците на Лос Анџелес.“
Пронајдете не на следниве мрежи: