Алкараз го мина Корда во три сета, Муте на Синер


Третиот тенисер во светот, Шпанецот Карлос Алкараз, го одигра својот најдобар меч на годинашниот Ролан Гарос и со победата од 6-4, 7-6 (5), 6-3 на мериканецот Себастијан Корда трета година во низа, стигна најмалку до осминафиналето на Грен слем турнирот во Париз.

Според начинот на кој го одигра овој меч, се чини дека проблемите со десната подлактица се минато за Алкараз, кој сѐ уште не знае со кого ќе треба да се бори за пласман во четвртфиналето. Неговиот натпревар против Корда се одигра под покривот на стадионот „Филип Шатрие“, како и многумина во првата седмица од овогодинешниот Ролан Гарос. Сепак, оние тенисери кои не беа распоредени на двата главни стадиона немаа толку среќа да ги завршат натпреварите во петокот.

Небото повторно не беше сојузник на организаторите, па трите натпревара од 3.коло беа одложени за сабота. Американецот Бен Шелтон и Канаѓанецот Феликс Ожер-Алиасиме беа запрени на крајот од првиот сет. Победникот ќе игра со Алкараз в недела.

Полјакот Хуберт Хуркач има предност од два сета против Канаѓанецот Денис Шаповалов, а Бугаринот Григор Димитров го доби првиот сет против Белгиецот Зизуу Бергс и дојде до брејк предност во вториот сет (2-1). Победниците од овие натпревари ќе играат за пласман во четвртфиналето.

Сепак, познати се два двојки од осминафиналето. Италијанецот Матео Арналди, кој во три сета (7-6, 6-2, 6-4) го исфрли 6-от носител, Русинот Андреј Рубљев и со тоа го израмни својот најдобар резултат на Грен слем турнирите од ланскиот УС Опен, за пласман во своето прво четврфинале ќе игра против Гркот Стефанос Циципас. Деветтиот носител лесно го победи Кинезот Џанг Жижен со 6:3, 6:3, 6:1.

Противник во осминафиналето доби и Јаник Синер, кој со 6-4, 6-4, 6-4 го победи Русинот Павел Котов. По вторпат во кариерата на Грен слем турнирите, но првпат во Париз, 25-годишниот Французин Корентен Муте, 79. тенисер во светот, се пласираше во осминафиналето. Австриецот Себастијан Офнер го доби првиот сет, но Французинот ги зеде следните и три сета, што му донесе меч против Синер во неделата.

Пронајдете не на следниве мрежи: