Четири американски сенатори денес објавија дека постигнале договор со федералната администрација за усвојување на ажуриран закон за санкции против Русија.
Со гордост објавуваме дека постигнавме договор со администрацијата на Трамп за усвојување на ажурираниот Закон за санкции против Русија. Многу сме задоволни од овој значаен напредок и очекуваме наскоро да го усвоиме законот, изјавија сенаторите Ричард Блументал, Линдзи Греам, Џин Шахин и Роџер Викер, пренесува „Ројтерс“.
Како што Русија ги интензивира убиствата на цивили, императив е законодавната и извршната власт да работат заедно за да создадат алатки за наплаќање високи цени на оние што купуваат руска нафта и природен гас, со што ќе ја напојуваат воената машина на Путин, се вели во соопштението.
Белата куќа не одговори веднаш на барањето на „Ројтерс“ за коментар.
Законот, на кој Греам работи со месеци со републиканците и демократите, би вовел санкции врз земјите што соработуваат со Русија, вклучувајќи ги и купувачите на нејзините енергетски производи, поради одбивањето на Москва да преговара за мировен договор со Украина.
Минатиот месец, Вашингтон дозволи купување руска нафта во танкери за да им помогне на ранливите земји да се справат со енергетската криза. По потпишувањето на Меморандумот за разбирање со Иран, цените на нафтата се вратија на нивото од пред војната, но постои страв дека обновената забрана за купување руска нафта може да дојде во лошо време, со оглед на обновениот притисок врз цените на нафтата поради новите воени напади врз Иран.



