АМЕРИКАНЦИТЕ НА КИЕВ МУ ГИ ИСПОРАЧАА АРТИЛЕРИСКИТЕ СИСТЕМИ М777 БЕЗ КЛУЧНАТА ОПРЕМА, СЕ ПЛАШАТ РУСИТЕ ДА НЕ ЈА ЗАПЛЕНАТ! 

Десетина примероци на артилериските системи кои САД и ги доставиле на Украина не биле опремени со напредни компјутерски системи кои ја подобруваат ефикасноста и прецизноста на оружјето, дознава ABC News.
Хаубиците М777 155 мм сега ги користи украинската армија во војната со Русија.
Пентагон не негираше дека артилериското оружје било испорачано без компјутер, но соопшти дека добил „позитивен фидбек“ од Украинците за „прецизното и многу ефикасно“ оружје.

Тоа позитивно расположение го повтори и украинскиот политичар, кој зборуваше за ABC News под услов да остане анонимен. Сепак, политичарот изрази и фрустрација што артилериското оружје не е опремено со дигитални компјутерски системи.
Артилеријата моментално игра клучна улога во борбите што беснеат во источна Украина додека Русија ја продолжува офанзивата во тој дел од земјата.
Американските власти неодамна потврдија дека сите освен една од 90-те хаубици ветени на Украина се испорачани, заедно со тактичките возила што се користат за нивно влечење.
Доколку е вграден во хаубицата, дигиталниот компјутерски систем му овозможува на екипажот што го контролира оружјето брзо и прецизно да ја одреди целта.
Хаубиците без компјутерски систем сè уште можат прецизно да испалуваат, користејќи традиционални методи за пресметување на аголот потребен за погодување на целта. Меѓутоа, современите компјутерски системи ја исклучуваат можноста за човечка грешка.

Нејасно е зошто артилериското оружје испорачано во Украина немало вградена технологија за дигитално таргетирање. Пентагон соопшти дека нема да разговара за поединечни компоненти „од оперативни безбедносни причини“.
Соработникот на ABC News, Стив Ганјард, пензиониран полковник во Маринскиот корпус на Соединетите Држави, рече дека причината за недоставувањето на компјутерот бил „компромис“.
„Тоа е проценка на ризикот што САД ја прават при секој извоз“, рече тој.
„Ако овој дел од комплетот заврши во Москва, каква е штетата по безбедноста на САД? Во овој случај, тие не би можеле да го делат најдоброто што го имаат САД“, рече тој.
Откривањето на недостигот на компјутерски системи на хаубиците доаѓа во време на поширока фрустрација во украинските политички кругови поради тоа што Соединетите Држави сè уште немаат испорачано одредени видови напредно оружје.
До денес, Соединетите Држави и нивните сојузници и дадоа на Украина импресивно количество оружје, вклучувајќи илјадници противтенковски проектили, илјадници противвоздушни ракети, стотици оклопни возила и оклопни транспортери и стотици јуришни беспилотни летала.
Сепак, украинската влада моментално лобира во Соединетите Држави за системи за ракетни фрлачи со повеќе цевки и борбени авиони од западно производство, како што е Ф16.

Украинските политичари интервјуирани од Еј-Би-Си Њуз изјавија дека е итно Украина да ги набави овие видови оружје сега, бидејќи сметаат дека Русија е ранлива по серијата неуспеси на бојното поле.
„Русија сега е многу слаба. Нивната армија е многу деморализирана“, изјави украинскиот политичар.
„Она што го кажуваме е дека сега ни се потребни сите системи за повеќеракетно лансирање. Ова е најдобро време за нас да ги истераме Русите од нашата земја.
„За да го направиме тоа, ни треба навистина добро американско оружје“, рече политичарот.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.