АНАЛИЗА: 3,4 МИЛИОНИ ЕВРА ПРОФИТ СОБРАЛЕ ЛАНИ ИЗВРШИТЕЛИТЕ!

Речиси 3,4 милиони евра профит направиле лани 99 извршители, колку што ги има во државава, ексклузивно за Пари, открија од Комората на извршители. Добивките се движат од само 1.821 денари (најмалата) до дури 8.019.304 денари, или над 130.000 евра (најголема добивка).

За да стигнат до оваа добивка, извршителите во текот на 2021 година извршиле над 63.000 присилни наплати. Сумата којашто ја наплатиле во постапките изнесува 130 милиони евра.

АНАЛИЗА: 3,4 МИЛИОНИ ЕВРА ПРОФИТ СОБРАЛЕ ЛАНИ ИЗВРШИТЕЛИТЕ!

Пари ексклузивно ги открива добивките на ТОП 10 извршители кои имале среќа да направат извршувања со најголема вредност и со тоа да остварат за себе најголем нето-приход (приход минус расходи минус пресметан данок од Годишна даночна пријава). Вкупните нивни добивки се над 1 милион евра. Значи: 10 извршители направиле профит од 1 милион евра, а вкупниот профит на останатите 89 е 2,4 милиони евра.

На самиот врв по заработка од извршувања е извршителката Катерина Кокина. Оваа извршителка успеала за една година, односно во текот на 2021 година, да направи одлична добивка од речиси 130.000 евра.

Која е Катерина Кокина?

Лидерот на листата, Кокина, своевремено била најмлад извршител, именувана на 29 години, и како извршител работи 11 години. Иако е една од помладите извршители, таа успеала во 2021 да сработи најдобри резултати.

На второ место, со профит од 123.000 евра, е извршителот Гордан Станковиќ. Станковиќ е познат во јавноста, тој едно време беше и претседател на Комората на извршители, а се памети и по тоа што со години беше неприкосновен во однос на правењето профит. Според информациите кои јавно беа објавени во медиумите, во периодот од 2012 до 2017 година, односно за пет години, тој направил нето-профит од 1,3 милиони евра, или, во просек, по 260.000 евра годишно.

Токму пласирањето на ваквите добивки во јавноста, како и притисокот на невладиниот сектор, доведоа до извесни законски измени со кои се намалија плаќањата за извршувањата.

Иако не заработиле колку што би заработиле во минатото, во групата на ТОП 10 извршители за 2021 година, најнискиот профит е 78.169 евра, а го направила извршителката Славица Ацовска.

Погледнете ја целата листа на најпрофитните 10 извршители:

Р.Б.ИЗВРШИТЕЛНЕТО- ДОБИВКА ЗА 2021 ГОД. (ВО ДЕНАРИ)НЕТО- ДОБИВКА ЗА 2021 ГОД. (ВО ЕВРА)
1Катерина Кокина    8.019.304130.395
2Гордан Станковиќ7.568.687123.068
3Гордана Џутеска    7.182.062116.781
4Николина Иванова6.975.821113.427
5Премтим Ќерими  6.788.619110.384
6Николче Диневски        5.745.37093.420
7Весна Деловска5.414.40088.039
8Зоран Димов      5.055.25782.199
9Дашмир Саити4.993.14981.189
10Славица Ацовска   4.807.41578.169

ГРАЃАНСКИТЕ ЗДРУЖЕНИЈА БАРААТ ПРИВРЕМЕНО ЗАМРЗНУВАЊЕ НА ИЗВРШУВАЊАТА

На крајот од минатата недела, граѓанските здруженија Стоп на грабежот и Но пасеран одржаа прес-конференција пред Министерството за правда, на која повикаа да се замрзнат извршувањата во периодот додека трае енергетската криза, а истовремено побараа и измена на регулативата, така што извршувањето би се вратило во судовите.

Ана Глигорова од Стоп за грабежот потенцираше дека една социјална држава, каква што е декларирана нашата и во Уставот, не смее да дозволи наплата на долгови за физички лица, микро и мали фирми, сега, во време на оваа криза, односно дека тие треба да се одложат. Притоа, Глигорова рече дека долговите „се напумпани“.

– Мислиме дека е многу покоректно извршувањето да биде под судската власт. Да се разбереме, и извршителите и нотарите не се приватници, тие се со печат од државата, но ако предметите се вратат во судската власт, тоа ќе биде поправично – ќе го имаме и доверителот, а ќе го имаме и должникот – рече Глигорова.

Со Законот за извршување во 2005 година беше воведен нов систем на извршување. Овој закон беше донесен поради негативните резултати на претходниот Закон за извршна постапка од 1997 година, кој имаше за последица бавна реализација на извршувањето на судските одлуки во граѓанските предмети, како и на одлуките во органите на државната управа, кои гласат на исполнување на парична обврска пред судовите, што доведе до правна несигурност.

Со овој реформски закон се напушти системот на судското извршување и се воведе нов вид професија – институтот извршители. Станува збор за приватни лица што вршат јавни овластувања, а се именувани од министерот за правда во согласност со Законот за извршување.

Според Законот за извршување, извршителот за извршените дејства има право на: надоместок за обработка на предмет, трошоци и спроведени дејства и награда за реализација на извршната исправа во согласност со Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителот.

ИЗВРШИТЕЛИТЕ СЕ ЖАЛАТ ДЕКА НА МНОГУМИНА ИМ Е НЕИСПЛАТЛИВА РАБОТАТА

Извршителите, пак, тврдат дека „не им цутат рози“ на сите и дека да се биде извршител, особено надвор од Скопје, не е исплатлива работа. Тие на средината на минатиот месец поканија новинари на тркалезна маса во Битола за да ја пренесат пораката до државата дека треба измени во Законот за извршување, затоа што тешко им оди.

Според извршителите, нивните канцеларии се пренатрупани со предмети за долгови кон комуналните претпријатија и за некои не може да ги наплатат извршните трошоци. Исто така, извршителите се пожалија и дека кај социјалните случаи извршителот не може да ја наплати услугата, па е должен да финансира наплата на туѓо побарување од сопствен џеб. Затоа, тие побараа надомест за отпочнување на процесот на извршување.

‒ Бараме измени на Законот за извршување со воведување на надомест за отпочнување на процес на извршување. Поднесуваш барање за извршување со извршна исправа и треба да платиш одреден износ за да може да почне да работи извршителот. Како во судот, не бараме ништо посебно, таму нема отпочнување на судски процес без плаќање судска такса. Надоместокот би бил за извршителот да може да ги покрие трошоците – рече Ванчо Марковски, претседател на Комора на извршители на Македонија.

Целата анализа е достапна ТУКА.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.