Енергетскиот соработник Виктор Андонов на денешната прес-конференција ги презентираше последните информации за енергетската состојба во земјава.
„Во февруари 2023 година од капацитетите на ЕСМ и ТЕЦ Неготин произведени се вкупно 504.338 MWh електрична енергија, а во однос на месец февруари 2022 година, кога производството на електрична енергија беше 280.353 MWh, тоа претставува зголемување за 80%. Во првите два месеци од годинава, јануари и февруари, вкупното производство на електрична енергија од капацитетите на ЕСМ и ТЕЦ Неготин изнесува 1.065.689 MWh, а во однос на истиот период од 2022 година, кога изнесуваше 714.362 MWh, и претставува зголемување од 49%“, рече соработникот Андонов.
Соработникот Андонов рече дека зголемувањето на локалното производство на електрична енергија го одржува трендот на раст, е клучно за ублажување на последиците од енергетската криза, како и за креирање мерки за поддршка на најранливите категории граѓани и стопанството.
„Денеска бевме сведоци и на потпишување на грант од 80 милиони евра од Европската комисија, токму за справување со енергетската криза, кој во октомври 2022 година го најави претседателката на Комисијата, Урсула Фон дер Лајен. Европската комисија ги послуша нашите барања и барањата на земјите од Западен Балкан и ги одобри средствата за соочување со енергетската криза во овој дел од Европа. Енергетско-економскиот тим во Владата продолжува континуирано да ја следи состојбата во сите сегменти од производството на секој киловат час, дистрибуцијата до ефектот што струјата го има врз крајните цени на основните производи и како што видовте преземени се дополнителни мерки. со единствена цел – заштита на животниот стандард“, додаде соработникот Андонов.
Андонов го презентираше дневниот енергетски биланс и рече дека во текот на вчерашниот ден вкупното локално производство на електрична енергија изнесува 15.111 MWh, од кои 10.297 MWh се произведени во термоелектраните, додека 4.814 MWh се од обновливи извори.
Пронајдете не на следниве мрежи: