Фудбалската репрезентација на Аргентина продолжува со победничкиот поход, откако со нов пресврт славеше над Англија со 2-1 и обезбеди пласман во големото финале.
Дуелот понуди голема борба и малку вистински шанси. Двете селекции играа внимателно, а во првото полувреме ниту една страна не успеа да упати удар во рамките на голот. За цврстината на играта говори и бројката од 19 направени прекршоци во првите 45 минути.
Сликата не се промени многу ниту на почетокот од вториот дел, но Англија прва успеа да го пронајде патот до мрежата. Во 55. минута Хари Кејн започна акција од сопствената половина, Роџерс испрати центаршут во шеснаесетникот, а Ентони Гордон се најде на вистинското место и погоди за водство од 1-0.
По примениот гол, Англичаните се повлекоа, а Аргентина презеде целосна иницијатива. Притисокот даде резултат во 83. минута, кога Енцо Фернандез со својот трет удар кон голот успеа да израмни на 1-1.
Аргентинците продолжија со нападите, а целосниот пресврт го комплетираше Лаутаро Мартинез. Напаѓачот погоди по асистенција од Лионел Меси и ја одведе својата репрезентација во финалето.
Во борбата за трофејот Аргентина ќе се соочи со Шпанија. Финалниот натпревар е закажан за в недела од 21:00 часот, додека Англија и Франција ќе играат за третото место еден ден претходно.



