Онлајн настава за учениците, работа од дома за вработените во јавниот сектор, силна препорака истото да важи и за приватниот сектор, се дел од одлуките на грчката Влада за областа Атика, поширокиот регион на Атина, поради проблемите со снегот, јави дописничката на МИА од Атина.
По вчерашната владина седница, портпаролот Јанис Иконому соопшти дека градинките, основните и средните училиштата денеска и утре ќе останат затворени, а учениците ќе следат онлајн настава.
Затворени ќе бидат и судовите, продавниците ќе работат со скратено работно време од 10 до 18 часот, а забранети се услугите delivery, односно достава до дома.
Државните службеници денеска ќе работат од дома, а постои силна препорака тоа да се спроведе и во приватниот сектор. Истите правила што важат за областа Атика, поширокиот регион на Атина, важат и за островот Крит.
Снегот што обилно паѓаше во понеделникот, создаде низа проблеми во поширокиот регион на Атина, а сè уште во делови од градот во прекин е снабдувањето со електрична енергија.
Вчера и завчера со одлука на Владата беа неработни денови, а училиштата и градинките се затворени од понеделникот.