Бакојани имала тензичен разговор со Кондолиза Рајс пред ветото за Македонија во НАТО на самитот во Букурешт во 2008


Поранешната министерка за надворешни работи на Грција и пратеничка од Нова демократија – Дора Бакојани, на денешната панел дискусија на конференцијата на „Катимерини“ посветена на грчката надворешната политика, на која беа дискутирани и аргументите „за“ и „против“ Договорот од Преспа, откри детали од разговор што го имала со тогашната државна секретарка на САД – Кондолиза Рајс, непосредно пред самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, кога Грција стави вето на нашето членство во Алијансата.

Бакојани (според која проблематичен во Преспанскиот договор е делот за јазикот и идентитетот, а не самото име), откри дека на една седмица пред самитот, додека била во Љубљана примила повик од Кондолиза Рајс кој не поминал во најдобра клима.

„Сега можам да кажам нешто што мислам дека го немам кажано јавно. Поминавме многу тешко тие шест месеци кога Грција беше решена дека Северна Македонија нема да влезе во НАТО, ако не се реши името“, почна Бакојани, посочувајќи дека уште пред самитот знаеле дека шест земји имаат ист став со Грција, но и дека САД не верувале дека заканата со вето ќе стане реалност.

– Ми се јавува Кондолиза, не ми вели „здраво, како си“, веднаш ми вели: „Имаме проблем“. Ѝ велам: „Да, голем“. Ми вели: „Знаеш, треба да прифатиш да влезат под името ФИРОМ“. Се наоѓаме една седмица пред Букурешт, не може да продолжат разговорите, не постои договор со Скопје. Ми вели: „Ќе го прифатиш“. Ѝ велам: „Само преку мене мртва“. Ми вели: „Не ме разбра“. Ѝ велам: „Што не разбрав?“. Ми вели: „Претседателот ќе биде многу вознемирен“. Ѝ велам: „Нема да биде ни прв ни последен пат претседателот да биде вознемирен“.

Како што сфаќате овој разговор не помина многу добро. И бидејќи не помина добро и се изнервирав, реков нешто за што се каам. Ѝ реков: „Јас и ти имаме една разлика. Ти си поставена од претседателот, што значи одговараш пред претседателот, Јас сум избрана и одговарам пред народот“. И го завршивме разговорот“, раскажа Бакојани.

Извор: МИА

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: