Американскиот претседател, Џо Бајден, изјави во интервју дека ќе остане кандидат на Демократската партија на претседателските избори на 5 ноември, додавајќи дека е убеден дека тоа сè уште го сакаат гласачите.
„Не одам никаде“, изјави Бајден.
Тој ги повика сите што сакаат да излезе да го предизвикаат на конвенцијата на демократите во август.
Интервјуто е уште еден обид на Бајден да се опорави од лошиот настап во дебатата на 27 јуни против републиканецот Доналд Трамп, по што неговите ментални способности беа доведени во прашање. Бајден изрази фрустрација од, како што ги нарече, напорите на „елитите“ да го истуркаат од претседателската трка против Трамп, кого го победи во 2020 година.
Кога ко-водителот на емисијата ги наведе главните медиумски организации и експерти кои го повикаа да се повлече, Бајден рече: „Не ми е гајле што мислат тие големи имиња“. „Поентата е дека не одам никаде. Не одам никаде. Не би се кандидирал ако апсолутно не верував дека сум најдобриот кандидат што може да го победи Доналд Трамп во 2024 година“, истакна тој. .
Сè поголем број демократски членови на Конгресот изразуваат загриженост дека ниската јавна поддршка на Бајден и неизвесноста во однос на неговата возраст може да и наштетат на партијата. Потпретседателката Камала Харис се смета за најверојатниот наследник доколку Бајден се повлече.
Анкетата на Ројтерс/Ипсос минатата недела покажа дека секој трет демократски гласач верува дека Бајден треба да се откаже од трката, а 59 отсто од испитаниците од партијата на претседателот рекле дека е премногу стар за да ја води земјата.
Во писмото до демократите, Бајден рече дека е свесен за нивната загриженост, но дека сега е време да се стави крај на тоа прашање.
„Прашањето како да се оди напред кружи веќе една недела. Време е да заврши. Имаме една работа. Тоа е да го победиме Доналд Трамп“, им напиша Бајден на сопартијците.