Бебињата уште на шест месеци разбираат што им кажуваат родителите

Досега, научниците веруваа дека децата почнуваат да ги разбираат зборовите што им ги кажуваат родителите дури околу првата година од животот, но неодамнешното истражување покажа дека ова се случува уште на возраст од шест месеци.
За да ги тестираат вештините за разбирање на зборови кај група бебиња, научниците ги фотографираа додека им покажуваа фотографии на компјутерски монитори, кажувајќи им ги имињата на прикажаните предмети.
Тие забележаа дека децата на возраст меѓу шест и девет месеци го барале со очите автомобилот, ногата или јаболкото на компјутерот откако биле прашани: „Каде е автомобилот? Каде е ногата? Каде е јаболкото?“


Професорката Елика Бергелсон од универзитетот Дјук, која го предводеше новото истражување, рече дека бебињата разбираат повеќе од тоа.
Им покажале неколку фотографии на кои предметите биле поврзани и неколку на кои не биле. На едната фотографија биле прикажани рака и нога, а на другата нога и чаша млеко. Кога биле изговорени имињата на предметите, се покажало дека бебињата повеќе време поминувале барајќи поврзаност на фотографиите на кои имало неповрзани предмети.
Научниците објасниле дека децата со очи им давале до знаење дека „нога и рака“ се повеќе слични и поврзани предмети отколку „нога и чаша млеко“ и дека зад симпатичното гугање се крие бистар и остар ум.
Проф. Бергелсон верува дека шестмесечно бебе го разбира скоро целиот вокабулар со кој им се обраќаат нивните родители, пишува Live Science.
Таа им порача на родителите да зборуваат со своите деца затоа што бебињата ќе разберат сè што ќе им се каже, а како возрасни ќе имаат подобри јазични вештини.
„Нема да можат да ви одговорат вербално, но ќе разберат, и колку повеќе разбираат, толку повеќе градат знаење за иднината“, истакна Бергелсон.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.