Цената на биткоинот денеска се спушти под 95.000 долари, откако скокот на приносите на американското Министерство за финансии, како и продолженото зајакнување на доларот, беа меѓу факторите кои ги повлекоа надолу ризичните средства воопшто. Ова се случува по вчерашниот остар пад на вредноста на биткоинот од речиси 6 отсто.
Цената на водечката криптовалута во 17:30 попладнето по Централноевропско време падна на 93.145 долари, што беше најниското ниво во денот. Во 22 часот, цената се стабилизираше на 94.560 долари. Поширокиот пазар на криптовалути, мерено со индексот CoinDesk 20, падна за повеќе од 5%.
Движењето на цената во последните два дена ги анулираше добивките на биткоинот од почетокот на годината, а ова дојде откако изненадувачки пораснаа приносите на десетгодишните обврзници на САД. Зголемените приноси од државните хартии од вредност имаат тенденција да вршат притисок врз ризичните средства ориентирани кон раст.
Биткоинот се тргуваше над 102.000 долари во понеделникот, а прогнозите за оваа година е неговата вредност да се удвои од ова ниво. Сепак, неизвесноста околу насоката што ќе ја следат Федералните резерви со одредувањето на референтната каматна стапка може да предизвика спротивставени ветришта за цените на криптовалутите, велат дел од аналитичарите.
Во декември, американската централна банка сигнализираше дека и покрај намалувањето на основната камата третпат по ред, оваа година е можно да направи помалку намалувања одошто очекуваа инвеститорите. Историски гледано, намалувањето на стапката, од која зависат каматните стапки на кредитите што ги нудат банките, има позитивно влијание врз цената на биткоинот, додека зголемувањето на основната стапка влијае негативно.