Изборната кампања за претседател на државата пред гласањето од првиот круг задутре, кандидатот поддржан од СДСМ Стево Пендаровски ја заврши вечерва со митинг во Битола. На битолчани им порача да направат разлика помеѓу тоа што го нуди СДСМ наспроти тоа што им го нуди ВМРО-ДПМНЕ затоа што давањето глас за опозициската партија, рече, е враќање назад наместо чекорење напред во ЕУ-интеграција.
-Независно од нашата големина, сега сме рамни и на иста маса со САД, Франција, Канада, Германија…, затоа што имаше храбра политичка гарнитура која не се грижеше за својот рејтинг ниту за идниот мандат туку за безбедноста на државата за следните децении, истакна Пендаровски осврнувајќи се на членството на државава во НАТО.
И за интегрирање во Европската Унија, како што рече, направен е историски исчекор бидејќи по 17 години ги отворивме преговорите, но за жал, рече, се испречи главната опозициска партија „која нема учествувано на позитивен начин во ниту еден државотворен акт од 1991“.
За неговата противкандидатка од ВМРО-ДПМНЕ рече дека нуди поништување на сите договори „кои не втемелија во меѓународен поредок како субјект, а не како објект на политичката маса“.
Порача да се каже „не на таквите експерименти“, „да не си играат со судбината на Македонија“, зашто тие „системски договори се во основата на безбедноста на граѓаните“. Наместо тоа, рече Пендаровски, треба да се зборува за економија и подобар стандард и за борба со корупцијата.
-Не ги чепкајте НАТО и ЕУ, со тоа ја носите Македонија во опасна зона, порача Пендаровски од митингот во Битола.
Според него, со поништување на договорите и намерите на опозицијата да репреговара, ќе бидат загубени нови 20 или 30 години.
-Ви гарантирам дека ако тие евентуално имаат шанса да се доберат до власта, и почнат да преговараат без ефект, ќе ни се иселат и овие малку млади луѓе што ни останаа…. Помина времето на режимот, не смееме да дозволиме да се инсталира режим 2.0. Газда во оваа држава се македонските граѓани, а не четири или пет луѓе во врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Се е исто во таа партија, понудата им е апсолутно идентична како пред пет и 15 години – од политичка до кадровска, само еден човек го нема, само Груевски го нема. Сите други се тие што беа од 2006 до 2016, кога живееја на грбот на македонскиот народ и кога имаше две категории граѓани – членови на ВМРО-ДПМНЕ и сите други. Затоа ни треба мобилизација, за да покажеме дека не сакаме да се вратиме во режимот кога еден човек ја диктираше судбината на сите, рече Пендаровски.
Ја спомна 2017-та кога, рече, сегашната опозициска партија организирала „насилен упад во Парламентот со цел да тепа и убива свои колеги пратеници само да не ја испушти власта и да дозволат мирна транзиција на власта“.
Во изминатите пет години како претседател, рече, не бил безгрешен, но грешките биле за поединечни прашања и не биле системски. Не била загрозена иднината и доведен во прашање опстанокот на државата „како во нивно време“ кога најважно, рече, било договарањето тендери, „а парите и денес не можат да се вратат“.
-Денес активни функционери се соочуваат со правда за разлика од нив кога немаше ни еден таков случај зашто за нив законот не важеше, додаде Пендаровски.
Соопшти дека ако добие втор мандат да ја води државата веднаш по 8 мај ќе иницира комплетен ветинг т.е проверка на имотот на сите политичари, судии и обвинители, не само во изминатите пет години, туку од 1990 до денес.
Нагласи и дека и натаму ќе работи во интерес на сите граѓани на државата и нема да ги дели луѓето по етничка, верска и партиска припадност или според нивниот социјален статус.