БЛИНКЕН: Кина да ги олесни преговорите со Северна Кореја

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека ќе побара од Кина да ја охрабри Северна Кореја да учествува во преговорите, бидејќи тензиите неодамна се зголемија со серија севернокорејски ракетни проби, пренесуваат странските агенции.

БЛИНКЕН: Кина да ги олесни преговорите со Северна Кореја

Блинкен, кој планира да ја посети Кина на почетокот на 2023 година, рече дека ќе разговара со тамошните власти како можат да ја „убедат Северна Кореја да тргне во друга насока“.

„Многу јасно ставивме до знаење, и тоа сè уште го правиме, дека сме отворени за дипломатија без никакви предуслови. Остануваме посветени на денуклеаризацијата на Корејскиот полуостров“, рече Блинкен на прес-конференција.

Според него, Северна Кореја сега не е на тој пат, но останува можноста Кина да одигра улога во придвижувањето на работите во таа насока.

Кина е еден од ретките сојузници на Северна Кореја, иако вистинското влијание што Пекинг може да го има врз режимот на Ким Џонг Ун е прашање што ги подели експертите.

Ким Џонг Ун неколку пати се сретна со поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Тие разговори ги намалија тензиите, но не доведоа до долгорочен договор.

Северна Кореја не беше отворена за разговори со претставници на пониско ниво во администрацијата на Бајден, а неодамна тестираше интерконтинентална балистичка ракета способна да стигне до американскиот континент.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.