Богат Русин ја тужеше Хрватска, поради блокада на јахтата бара повеќе од 35 милиони евра

Против Република Хрватска е поднесена тужба тешка над 35 милиони евра поради одземање на јахтата „Ројал Романс“ во сопственост на компанијата „Ланелија холдингс“, зад која стои рускиот претприемач Алексеј Инкин. Медиумот Н1 ја пренесува хронологијата на настаните.

Јахтата е блокирана во пристаништето Трогир на барање на украинското обвинителство. Тоа ја поврзува со Виктор Медведчук, руски тајкун против кого во Украина се води предистражна постапка. Блокадата на јахтата е побарана за да се врати наводната штета предизвикана од Медведчук.

Случајот е исклучително сложен и досега во јавноста имаше многу сомнителни информации за него. Се шпекулираше дека бродот бил блокиран поради меѓународните санкции наметнати на Русија по агресијата врз Украина, но адвокатите на Инкин тврдат дека „Ројал Романс“ била задржана во Хрватска како дел од процесот против Медведчук.

Украинското обвинителство, наведуваат понатаму адвокатите, го обвинува за велепредавство, поточно за склучување скапи договори за откуп на јаглен уште во 2015 година. Иако оваа истрага трае од 2016 година, судењето сè уште не е одржано, а во 2022 година украинското обвинителство издаде барање за блокирање на луксузната јахта, која повеќе не е на Медведчук, туку на Инкин.

Јахтата е во пристаништето Трогир веќе речиси две години, а Инкин смета дека Хрватска немала причина да му го одземе луксузниот брод. Тој смета дека за две години е оштетен за повеќе од 35 милиони евра откако незаконски му се ограничува имотот. Тој морал да ја одржува јахтата чија вредност се проценува на околу 130 милиони евра и да го плати закотвувањето во марината Трогир, а не можел да ја изнајмува како што планирал.

Затоа, велат адвокатите, трошокот надминал 35 милиони евра што Инкин ги прецизирал во тужбата против Хрватска.

Интересно е што за овој случај со месеци се шират различни неофицијални информации – од оние дека се работи за јахта што е блокирана поради санкции кон одредени руски тајкуни, дека хрватските власти вршат притисок на судот да и ја предаде на Украина, на оние дека предавањето на Украина е веќе решено иако како што потврди судот е донесена неважечка одлука.

Инаку, Медведчук беше украински олигарх и личен пријател на Владимир Путин. По руската агресија врз Украина, тој се криеше во Киев, но на крајот беше обвинет за велепредавство поради бизнисот со јаглен. Тој беше разменет за група украински затвореници, а сега живее во Русија, иако случајот против него, поради економски малверзации, во Украина трае повеќе од седум години.

Доколку навистина јахтата ѝ биде предадена на Украина, адвокатите на Инкин најавуваат дека ќе ја дополнат тужбата со целата сума од нејзината вредност од 130 милиони евра.

Пронајдете не на следниве мрежи: