Божиновска: Новиот Закон за обновливи извори на енергија отвора нова ера за македонската енергетика

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оцени дека со усвојувањето на новиот Закон за обновливи извори на енергија е направен историски чекор што ќе ја промени енергетската иднина на Македонија.

Според Божиновска, станува збор за прв посебен закон во оваа област кој е целосно усогласен со европските правила и претставува долгорочна стратегија за зајакнување на националната енергетска безбедност, намалување на зависноста од увоз на енергија и забрзување на зелената транзиција.

Таа истакна дека законот воведува современ европски пазарен механизам – Two-way Contract for Difference, со кој, како што наведе, ќе се обезбеди финансиска стабилност за инвеститорите, а воедно ќе се ограничат прекумерните профити во услови на високи цени, со цел да се заштитат граѓаните и домашната економија.

„Ги отвораме вратите и за нашите домашни производители на зелена енергија да излезат и да тргуваат директно на европскиот пазар“, посочи Божиновска.

Министерката нагласи дека една од најзначајните новини е што граѓаните добиваат можност активно да учествуваат во производството на енергија преку механизмите за нето-мерење и формирањето граѓански енергетски заедници.

„Со овој закон ја префрламе енергетската моќ директно во рацете на граѓаните. Секое семејство, општина и компанија ќе може самостојно или здружено да произведува, складира и користи сопствена чиста енергија“, истакна Божиновска.

Таа порача дека целта е да се изгради почист, посигурен и поправеден енергетски систем за идните генерации.
The post Божиновска: Новиот Закон за обновливи извори на енергија отвора нова ера за македонската енергетика appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: