Американската авиокомпанија Боинг постигна спогодба со Канаѓанец чие семејство загина во несреќата на Боингот 737 МАКС на Етиопијан ерлајнс во март 2019 година, изјави вчера неговиот адвокат, пренесува Ројтерс.
Условите на спогодбата со Пол Њороге од Торонто не беа објавени. Сопругата на 41-годишниот маж, Керолајн, и трите мали деца – 6-годишниот Рајан, 4-годишната Кели и деветмесечната Руби – загинаа во несреќата. Неговата свекрва патуваше со нив и исто така загина во несреќата.
Судењето требаше да започне во понеделник во Окружниот суд на САД во Чикаго и требаше да биде првото против американскиот производител на авиони, по повод двете фатални несреќи на авионите 737 МАКС во 2018 и 2019 година, во кои вкупно загинаа 346 лица.
Боинг, исто така, избегна судење во април, кога се спогоди со семејствата на уште две жртви во несреќата на „Етиопијан ерлајнс“.
Производителот на авиони одби да коментира за најновата спогодба.
Двете несреќи доведоа до 20-месечно приземјување на најпродаваниот авион на компанијата и го чинеа Боинг повеќе од 20 милијарди долари .
На друго судење кое е закажано да започне на 3 ноември, адвокатот на Њороге, Роберт Клифорд, ќе ги застапува семејствата на уште шест жртви.
Според компанијата, „Боинг“ решил повеќе од 90% од граѓанските тужби поврзани со двете несреќи, исплатувајќи милијарди долари отштета преку тужби, договор за одложено гонење и други плаќања.
„Боинг“ и Министерството за правда на САД претходно овој месец побараа од судија да одобри договор што ѝ овозможува на компанијата да избегне гонење, и покрај приговорите од роднините на некои од жртвите во двете несреќи.
Договорот ќе му овозможи на „Боинг“ да избегне да биде прогласен за осуден криминалец и да избегне надзор од независен монитор во текот на три години. Тој беше дел од спогодбата за признавање на вина склучена во 2024 година по обвинение за кривична измама дека ги довел во заблуда американските регулатори во врска со клучниот систем за контрола на летот 737 MAКС, кој придонел за несреќите.