Додека здравствените организации во Бугарија од година во година предупредуваат дека здравствениот систем е во колапс и бараат зголемување на здравствените придонеси, кризата очигледно не се одразува врз приходите на дел од директорите на болниците.
И во 2025 година болниците успеале да создадат милионери меѓу своите директори – не само во приватниот, туку и во државниот сектор. Тоа го покажува анализата на бугарскиот весник „Сега“, направена врз основа на имотните декларации на управителите и извршните директори на здравствените установи.
Гинеколошките клиники и очните болници, како и во претходните години, се на врвот според приходите.
Највисока плата за 2025 година пријавила директорката на софиската гинеколошка болница „Св. Лазар“, Тијана Николова. Таа пријавила 1.268.809 лева годишна даночна основа, односно приход од основното работно место по одбивањето на придонесите.
Над еден милион лева годишен приход пријавила и директорката на приватната болница „Св. Каридад“ во Пловдив, Елена Христова. Нејзината годишна даночна основа од основното работно место изнесува 982.696 лева, а од други работни односи има дополнителни 331.111 лева.
Меѓу директорите со највисоки примања повторно е и управителот на приватната пловдивска болница „МК Св. Иван Рилски“, Николај Салутски, кој пријавил 941.583 лева годишна даночна основа.
Милионски приходи и во државните болници
Не само приватните болници можат да исплаќаат вакви високи примања.
Долгогодишниот директор на софискиот „Мајчин дом“, Иван Костов, во текот на годината успеал да оствари повеќе од 1,17 милиони лева од различни извори.
Од основното работно место тој пријавил 439.559 лева, од други работни договори уште 125.229 лева, а од друга стопанска дејност 611.917 лева.
За споредба, директорот на „Пирогов“, Валентин Димитров, пријавил 222.082 лева годишна даночна основа од плата.
Над еден милион лева од различни работни односи и друга стопанска активност пријавил и Љубчо Пенев, управител на ДКЦ „Александровска“ во Софија. Од основната плата тој пријавил 179.632 лева, но по втор работен договор добил уште 806.800 лева.
ДКЦ „Александровска“ е структура во рамките на државната УМБАЛ „Александровска“, но директорот на самата болница, Атанас Јонков, има значително помали приходи. Тој пријавил 184.118 лева од основното работно место и 148.557 лева од други работни односи.
Директорите заработуваат милиони и од дивиденди
Некои директори на болници пријавиле и милионски приходи од дивиденди.
Димитар Тасков од синџирот очни клиники „Луксор“ пријавил 1,5 милиони лева приходи од дивиденди во Бугарија, како и дополнителни 74.685 лева од странство.
Динко Господинов од пловдивската „Медикус Алфа“ пријавил 1.237.720 лева приходи од дивиденди.
Директорот на најголемата болница во Бугарија – пловдивската УМБАЛ „Св. Георги“, Карен Џамбазов, пријавил 249.066 лева годишна даночна основа од плата и уште 394.571 лева од други работни односи.
Неговите заштеди, пак, продолжуваат да растат и веќе надминуваат 2 милиони лева, при што како извор е наведена плата.
Иван Миланов, директор на државната болница за неврологија и психијатрија „Св. Наум“, пријавил повеќе од 4,5 милиони лева на банкарски сметки.
Податоците отвораат прашања за големиот јаз меѓу состојбата на здравствениот систем во Бугарија, за кој здравствените работници предупредуваат дека се соочува со сериозна криза, и приходите на дел од директорите на здравствените установи.



