Борбени авиони на НАТО слетаа на автопати во Финска и Шведска

Сојузниците од НАТО одржаа големи воени вежби на автопатите во Финска и Шведска, демонстрирајќи ја способноста за брзо распоредување и дејствување во отежнати услови според концептот познат како ACE (Agile Combat Employment) — систем за брза и прилагодлива борбена употреба на воздушните сили на НАТО, објави Defence Industry Europe.

Целта на ваквите вежби е да се зголеми флексибилноста и издржливоста на силите во потенцијално загрозени области.

Од 26 до 30 мај, Финска беше домаќин на редовната воздушна вежба под името JPH, во која учествуваа повеќе од 20 сојузнички авиони и околу 2000 војници, резервисти и професионалци. За првпат, вежбата вклучуваше операции на дел од автопатот, познат како Баана, на патот број 4 во близина на авиобазата Тикакоски во Јивјаскила.

Финските борбени авиони F/A-18 Hornet и тренинг авионите Hawk изведуваа полетувања и слетувања на автопатот, а првпат им се придружија и холандските борбени авиони F-35A Lightning II од Кралската холандска воена авијација.

Холандските пилоти изведуваа слетувања и полетувања без запирање, а заедничките вежби со финските F/A-18 дополнително ја зајакнаа соработката помеѓу авиони од четвртата и петтата генерација.

Оваа обука е дел од финската доктрина за мобилно војување, која предвидува одржување воздушни операции и надвор од матичните бази во случај тие да станат неискористливи.

Користењето на автопатите за полетувања и слетувања во Финска е дел од воената обука уште од 1960-тите и денес претставува значаен придонес во ACE концептот на НАТО.

Пронајдете не на следниве мрежи: