Сезоната на тиквички е во полн ек, па време е да ги искористите во лесен и интересен рецепт, бидејќи веруваме дека похувањето ви е веќе здосадено.
За оваа пита ви се потребни лесно достапни состојки, а нејзината подготовка е едноставна и неверојатно брза. Одлична за појадок, вечера или мезе, научете како се подготвува оваа брза пита со тиквички, колбас и сирење.
Потребни состојки:
2 тиквички
2 колбаси (или виршли, по желба)
4 јајца
50 g рендано сирење
50 g фета сирење
3 лажици кисела павлака
6 лажици брашно
Магдонос, сол, црн бибер
Начин на подготовка:
1. Изрендајте ги тиквичките, посолете ги и оставете да отстојат околу 20 минути, додека да пуштат малку вода.
2. Исечкајте го колбасот на ситни парченца.
3. Прецедете ги тиквичките и во подлабок сад добро измешајте ги со сите горенаведени состојки.
4. Смесата префрлете ја во тавче обложено со хартија за печење или премачкано со масло.
5. Ставете уште малку рендано сирење најгоре и печете во загреана рерна на 180˚С околу половина час или додека питата не добие златножолта боја.