Брзи избори во Грција бара Мицотакис

Лидерот на “Нова демократија“, Кирјакос Мицотакис во разговор со членови на партијата, при посетата на грчкиот остров Самос ги повтори цврстите ставови на својата партија дека со Договорот од Преспа се отстапуваат македонска националност и македонски јазик, но и дека треба што поскоро да се распишат избори за да одлучи грчкиот народ.
– Избор на Владата е да го потпише Договорот од Преспа, договор кој за првпат на соседната земја ѝ го отстапува македонскиот јазик и македонската националност. Ние, овој договор нема да го ратификуваме, ниту сега, ниту ако го најдеме пред нас во следниот Парламент – повторува Мицотакис.
Мицотакис повторно ја обвини Владата дека во внатрешноста има различни позиции, со еден став е шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, а со друг министерот за одбрана Панос Каменос. Затоа порача тој, дека е потребно „за прашањето со Договорот од Преспа, да одлучи грчкиот народ, пред да дојде за ратификација во Парламентот“, јавува дописничката на МИА од Атина.
– Додека и двајцата заедно уште неколку месеци се приковани за фотелјите, искористувајќи го наводното внатрешно несогласување, за да добијат уште малку време во власта, на земјата ѝ прават голема штета. Затоа и ние ќе инсистираме: избори колку е можно поскоро. Колку поскоро си оди Владата, толку подобро е за земјата. А, за прашањето со Договорот од Преспа, нека одлучи грчкиот народ пред тој да дојде за ратификација во Парламентот.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.